Според ДУИ станува збор за „етничко надгласување“ и намалување на бројот на советници исклучиво во албанските општини
Демократската унија за интеграција реагира на вчерашната одлука на Државната изборна комисија за намалување на бројот на советници во дел од општините. Според ДУИ станува збор за „етничко надгласување“ и намалување на бројот на советници исклучиво во албанските општини. Одлуката на ДИК ја оценуваат како срамна и обвинија дека ВМРО-СДСМ и „Вреди“ се против Албанците.
„Оваа одлука не е само политички штетна за Албанците, туку претставува и опасен преседан кој ја враќа земјата назад во времето пред 2001 година, или поточно во времето на Милошевиќ и Рахман Морина, кога волјата на Албанците систематски се игнорираше и газеше, а дискриминацијата се спроведуваше преку инструментализација на институциите. Во септември 2024 година, оваа моноетничка влада донесе неуставна одлука за намалување на бројот на советници. Свесни за прекршувањето што го направија, пред три месеци се обидоа да го изменат Законот за локална самоуправа, но Европскиот фронт ја блокираше оваа иницијатива со мнозинството на Бадентер“,
се наведува во соопштението од ДУИ.
Од ДУИ додаваат и дека со одлуката на ДИК се погазени сите правни и демократски норми.
„Со оваа одлука албанските општини се директно оштетени: само во Гостивар бројот на советници се намалува од 31 на 23, а во Струга, Кичево, Врапчиште, Желино и Теарце се намалуваат по четири советници во секоја општина. Дополнително, дијаспората е исклучена од официјалните пресметки, што дополнително го оштетува претставувањето и економскиот развој на нашите општини. Уште позагрижувачка е соработката на ‘Вреди’, која уште еднаш докажува дека не ги претставува Албанците, туку ги прикрива неправдите кон нив. Денес, ВМРО, СДСМ и ‘Вреди’ уште еднаш јасно покажаа дека се на ист фронт против албанските интереси“
додаваат од ДУИ.
Од ДУИ потенцираат и дека членката на ДИК, Дитмире Шеху, ќе поднесе тужба пред Управниот суд.
Со пет гласа „за“ и еден „против“ Државната изборна комисија вчера го донесе Упатството за пополнување образец за листи на кандидати за членови на советите на општините и на Советот на Град Скопје.
Гласањето по оваа точка од дневниот ред на 130. седница на ДИК требаше да се случи во вторникот, но беше одложено откако членката на Комисијата, Дитмире Шеху, која во ова тело дојде како предлог на ДУИ, тогаш побара Упатството да се донесе со консензус, односно едногласно.
Поради оваа околност нејзиното барање беше испратено до правната служба на ДИК за да даде мислење, по што Упатството беше ставено на гласање и усвоено со мнозинство, а не со консензус, како што инстистираше Шеху.
Како и партијата на чиј предлог дојде за член на ДИК, Шеху смета дека Упатството не може да биде донесено врз основа на одлуката на Владата од септември минатата година, со која беше намален бројот на советници во 14 општини.
Одлуката на Владата произлезе од пописот на населението кое покажа намалување на бројот на жители, поради што согласно Законот за локална самоуправа од Илинденска број 2 донесоа одлука за намалување и на бројот на советници во тие општини.