Од ДУИ реагираат на вчерашната изјава на претседателката во врска со барањето на интегративците за предвремени парламентарни избори

Во време кога мултиетничкиот карактер на Република Северна Македонија е под сериозна закана, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова отворено се позиционира на страната на Владата, занемарувајќи ги механизмите за заштита од етничка мајоризација, обвинуваат од Демократската унија за интеграција, по вчерашната изјава на претседателката во врска со барањето на ДУИ за предвремени парламентарни избори.
„Со нејзината изјава дека не е важно колку пратеници Албанци ќе го напуштат парламентарното мнозинство, сѐ додека Владата има 61 пратеник – нема потреба од предвремени избори, претседателката испраќа јасна порака дека етничкиот баланс и чувствителноста на коалициските партнерства не се дел од нејзиниот политички приоритет. Сиљановска многу лесно ја напушти клучната улога која претседателот на државата треба да ја има – да биде фер арбитер на различните политички позиции со цел да ги обединува сите граѓани, без разлика на нивната етничка, политичка или било каква друга припадност“,
реагираат од ДУИ.
Според интегративците, Сиљановска-Давкова наместо обединувач, избрала да биде дел од партиската поларизација.
„Наместо да биде глас на уставната обврска за градење соживот и консензус, претседателката избра да стане гласноговорничка на едноетничката доминација. Овој пристап потсетува на темните времиња кога мајоризацијата, прикриена зад ‘мерит системи’ и ‘почитување на закони’, беше средство за системско потиснување на Албанците. Очигледно е дека сѐ додека не се обезбедат дополнителни уставни и политички механизми кои ќе ја гарантираат консензуалноста во изборот и дејствувањето на функцијата Претседател, оваа функција ќе остане перципирана како исклучиво етничка – насочена само кон потребите на македонскиот народ“,
се наведува во соопштението на ДУИ.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека апсолутно нема потреба од предвремени парламентарни избори кои би се одржале заедно со локалните наесен доколку Алијанса за Албанците на министерот за здравство Арбен Таравари го напушти актуелното владејачко мнозинство.
„Ние велиме дека предвремени избори треба да има тогаш кога се парализирани институциите, не можат да функционираат, кога мнозинството на власта е на границата на потребните 61 (пратеник). Далеку е од тоа. Впрочем помина неполна една година. Да, имаме проблеми, дел од нив наследени, дел од нив нови, меѓутоа јас гледам дека институциите се справуваат со сиве овие проблеми“,
рече вчера Сиљановска-Давкова.
Барањето за предвремени парламентарни избори заедно со локалните доаѓа од дел од политичките субјекти во државата, конкретно од опозициската ДУИ.
Првиот интегративец Али Ахмети, минатата недела користејќи порадикална реторика, рече дека доколку ексминистерот за економија Крешник Бектеши биде обвинет за трагедијата во Кочани, тој ќе излезе на улица и нема да се врати додека не испровоцира со локалните да се одржат и предвремени парламентарни избори.