Потврдата за ангажманот на Вилијамс следува откако викендот ДУИ усвои три резолуции, меѓу кои, една за почитување на начелото легитимитет во контекст на одредбите од Охридскиот договор, а друга за неопходноста од спроведувањето на Охридскиот, Преспанскиот и Договорот за добрососедство со Бугарија
За прашањето околу етнички легитимитет кое по формирањето на новата влада го покрена ДУИ, американската амбасадорка рече дека тоа не претставува законска обврска, додека шефот на делегацијата на ЕУ истакна дека тие не сакаат да се мешаат во внатрешните прашања, но дека очекуваат имплементација на Охридскиот договор и целосно да се спроведуваат Бадентеровото правило и механизмите за заштита во рамките на Собранието
Освен во земјава, каде што бил ангажиран во преговорите за постигнување на Охридскиот договоро, во импозантното портфолио на Вилијамс се и ангажманите во преговорите за Дејтонскиот договор, Договорот од Рамбуе, преговорите Подгорица/Белград за Србија и Црна Гора.
Американецот Пол Вилијамс, еден од авторите на Охридскиот рамковен договор, ќе биде еден од оние што Демократската унија за интеграција (ДУИ) ќе ги ангажира за прецизирање на законско или уставно решение на т.н. Мајски договор, односно озаконување на меѓупартиското коалицирање по принципот победник со победник.
Ова денеска на прес-конференција во Собранието го потврди координаторот на пратеничката група на коалицијата „Европски фронт“, Блерим Беџети.
Неговата изјава следува по состанокот на ДУИ од претходниот викенд на кој партијата усвои три резолуции, меѓу кои една за почитување на начелото легитимитет во контекст на одредбите од Охридскиот договор, а друга за неопходноста од спроведувањето на Охридскиот, Преспанскиот и Договорот за добрососедство со Бугарија.
„Во партијата усвоивме три резолуции. Секако дека ќе изготвиме решение бидејќи по вторпат во државата се случува да не се почитува легитимитетот. Имајќи предвид каква е етничката реалност во државата, тоа би довело, ако дозволиме така, да се нарушат многу досегашни достигнувања во духот на Рамковниот договор. Истовремено јавно објавивме дека е ангажиран и еден од оние што го изготвија Рамковниот договор и духот на овој договор да се прецизира со законско или уставно решение начелото победник со победник, односно партиите коишто го имаат етничкиот легитимитет и не случајно ние како ‘Европски фронт’ имаме политички став дека оваа Влада нема легитимитет“,
изјави Беџети на денешната прес-конференција во Собранието.
На дополнително новинарско прашање дали еден од ангажираните е Пол Вилијамс, Беџети одговори потврдно.
Трите резолуции кои ДУИ ги усвои на состанокот минатиот викенд во фокус го имаат почитувањето на Охрискиот договор, кој од партијата го оценуваат за основен механизам за градење мир, стабилност и меѓуетничка хармонија.
„Ја нагласуваме потребата од проактивен пристап на главните меѓународни сили, кои го гарантираа мирот со поддршката на Охридскиот договор и нагласуваме дека еден од главните постулати кои произлегуваат од Охридскиот договор е токму заштитата од мајоризација, која се поткопува преку дозволување и овозможување на учество во Владата на коалицијата која не победила и која не ја одразува политичката волја на Албанците во Република Северна Македонија и како таква ја претвора Владата во влада без етнички легитимитет“,
се наведува, меѓу другото, во документот усвоен на последниот состанок на ДУИ.
Во усвоените резолуции, ДУИ ги повикува државните институции и меѓународната заедница на ангажман за целосно и континуирано спроведување на Охридскиот, Преспанскиот и Договорот за добрососедство.
„Се обврзуваме да ги преземеме сите неопходни мерки за промовирање и поддршка на спроведувањето на овие договори, обезбедувајќи придобивките од нив да бидат конкретни за сите граѓани на С Македонија“,
додаваат од ДУИ.
Гир не сакаше да се меша, Агелер констатира дека нема законска обврска ДУИ да биде во владата
За прашањето кое по формирањето на новата влада го покрена ДУИ, оти новиот владин состав нема етнички легитимитет поради учеството на коалицијата „Вреди“, која освои помалку гласови од Демократската унија за интеграција на последните избори, во одвоени интервјуа за „360 степени“ неодамна говореа и евроамбасадорот Дејвид Гир и амбасадорката на САД, Анџела Агелер.
Евроамбасадорот изјави дека ова е прашање на домашните политички чинители, а не на ЕУ.
„Не мислам дека има место за ЕУ да коментира или да се вмешува. Секако, сакаме Охридскиот рамковен договор да се имплементира и очекуваме целосно да се спроведуваат Бадентеровото правило и механизмите за заштита во рамките на Собранието. За сè друго, ова е домашно прашање. Внимателно слушаме сè што велат политичките чинители, но ова е прашање на домашна политика и прашање за кое, ние од ЕУ, не се вмешуваме“,
изјави амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, во интервјуто за „360 степени“ емитувано на 4 јули 2024 година.
Ставот на американската амбасадорка Анџела Агелер, пак, е дека нема законска обврска со кого одреден политички субјект ќе стапи во коалиција, ниту, пак, дека има законска обврска оти ДУИ мора да се вклучи во Владата. Она што е важно, вели амбасадорката на САД, е дека победничката партија од македонскиот етнички блок за коалициски партнер избрала субјект од малцинските групи во земјата.
„Оттука, задоволна сум што владата е составена од различни групи и нема законски обврски за ДУИ да се вклучи во владата. Знам дека има прашање на закон наспроти легитимитет, но факт е дека ВМРО-ДПМНЕ избра партнери од различни заедници во земјата и тоа е нивно право. Избраа тоа да го направат и ќе видиме како ова партнерство ќе функционира“,
изјави Агелер во интервјуто за „360 степени“ емитувано на 20 јуни 2024 година.
Кој е Пол Вилијамс?
Пол Вилијамс е професор по право и меѓународни односи на Американскиот универзитет, предава на Факултетот за меѓународни односи и на Вашингтонскиот правен колеџ. Тој е претседател и коосновач на Групата за меѓународно јавно право и политика (PILPG) – невладина про боно организација која им помага на земјите и владите во мировни преговори, во уредување на постконфликтното законодавство и асистира во изготвување документација за кривично гонење на воени злосторници.
Освен во земјава, каде што бил ангажиран во преговорите за постигнување на Охридскиот договор, во неговото импозантно портфолио се и ангажманите во преговорите за Дејтонскиот договор, Договорот од Рамбуе, преговорите Подгорица/Белград за Србија и Црна Гора. Вилијамс учествувал како советник и во преговорите за Нагорно-Карабах, преговорите во Осло и Женева за Граѓанската војна во Шри Ланка и на мировните разговори во Сомалија.