Целта е јасна: директно влијание врз локалните избори и замолчување на критичките медиуми преку таргетирање на истакнати и гласни личности од албанската заедница, велат од ДУИ по обвинението за пожарот во „Пулс“, кое опфати двајца ексминистри од нивните редови

Демократската унија за интеграција (ДУИ) го оцени како селективно обвинението за трагедијата во Кочани кое опфати и двајца ексминистри за економија од нивните редови – Крешник Бектеши и Ваљон Сарачини.
За партијата на Али Ахмети ова е и обид за влијание врз локалните избори.
„Оваа селективна правда и јасно политички мотивирана акција претставува уште еден доказ дека обвинителството не само што ја изгубило својата независност, туку станало инструмент за политички прогон и изборен инженеринг. Целта е јасна: директно влијание врз локалните избори и замолчување на критичките медиуми преку таргетирање на истакнати и гласни личности од албанската заедница. Обвинителството целосно ја изгуби својата веродостојност со тоа што ги штити функционерите на Владата, а истовремено соработува со неформални центри на моќ за да конструира случаи против поранешни министри и политички неистомисленици“,
стои во реакцијата на ДУИ.
Според интегративците, Јавното обвинителство е декларирано како заробено. Додаваат дека ќе ги преземат сите демократски и политички чекори за, како што велат, да го заштитат гласот на Албанците, интегритетот на изборниот процес и принципите на правдата и правната држава.
„Повикуваме на итна реакција од меѓународната заедница, особено од институциите што ја следат реформата на правосудниот систем, да не молчат пред очигледната злоупотреба на институциите за политички цели“,
велат оттаму.
Вчера, Обвинителството поднесе обвинение против 34 физички и три правни лица за кривични дела со чие сторување дошло до пожарот во кочанското т.н. кабаре „Пулс“ што се случи на 16 март годинава – трагедија во која загинаа вкупно 62 лица, а 211 беа повредени.
Иако првично бројот на осомничени во истрагата беше поголем и изнесуваше околу 50 лица, за дел од нив, меѓу кои и за двајца поранешни министри, постапките се прекинати бидејќи во текот на истрагата не се обезбедени докази.
Беким Незири и Дритон Кучи се министрите за кои е запрена постапката за Кочани, додека обвинението ги опфаќа ексминистрите Бектеши и Сарачини.