Покрај пратениците од своите редови, од партијата додаваат дека процесот на ветинг ќе биде проширен и ќе ги опфати високите партиски функционери, членовите на претседателството на ДУИ и раководството на локалните ограноци
Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) денеска објави дека, предводена од партискиот лидер Али Ахмети и раководството на партијата, го почнала процесот на сеопфатни реформи и ветинг во партиските редови.
„Пратениците од ДУИ го отпочнаа процесот на реформи со проценка на ризик од корупција и го потпишаа Кодексот за добра пракса и интегритет на ДУИ. Овој кодекс е усогласен со Кодексот за добра практика на полето на политичките партии, усвоен со резолуција на Венецијанската комисија и на Парламентарното собрание на Советот на Европа“,
информираат од ДУИ.
Покрај пратениците, од партијата додаваат дека процесот на ветинг ќе биде проширен и ќе ги опфати високите партиски функционери, членовите на претседателството на ДУИ и раководството на локалните ограноци.
„Оваа иницијатива ја потврдува посветеноста на ДУИ за владеење на правото и ја демонстрира одлучноста на партијата за справување со корупцијата во сите сегменти. ДУИ е посветена на градење исклучителен институционален и личен интегритет. Нашиот пристап е сеопфатен и добро планиран, со фокус на поединци со силен интегритет кои ќе ја бранат антикорупциската агенда и ќе го движат процесот на ветинг“,
изјавил претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
Во партиското соопштение се додава дека како предвесник на ваквите реформи, ДУИ поставува преседан и за другите политички партии.