Според партиското соопштение, меѓународните енергетски берзи веќе најавуваат значителен раст на цената на нафтата, што, според ДУИ, неизбежно ќе повлече реакција на поскапувања кај останатите производи и услуги

Демократската унија за интеграција (ДУИ) алармира за можен нов бран на поскапувања на нафтените деривати кој се очекува од наредната недела. Од партијата ја обвинуваат Владата за пасивност и игнорирање на ризиците кои директно го загрозуваат животниот стандард на граѓаните.
Според партиското соопштение, меѓународните енергетски берзи веќе најавуваат значителен раст на цената на нафтата, што според ДУИ, неизбежно ќе повлече реакција на поскапувања кај останатите производи и услуги.
Од ДУИ бараат Владата да не биде глува, да ги слушне предупредувањата и да ги заштити семејствата и бизнисите од нови ценовни удари.
ДУИ потсетува на пакетот предлози презентиран пред неколку дена, кој има за цел да ублажи нов ценовен шок што на крај ќе го платат сите граѓани.
Опозициската партија нуди целосна поддршка во законодавниот дом за сите законски измени кои се потребни за спроведување на заштитните мерки.
„Ова зголемување може да предизвика нов бран на поскапување на производите и услугите, дополнително оптоварувајќи ги семејствата и бизнисите. Оваа криза не треба да падне на товар на граѓаните“,
се вели во дописот од ДУИ.
Од ДУИ вчера на власта и предложија мерки за спречување на злоупотреби и намалување на цените во услови на криза, особено поради претстојните празници Бајрам и Велигден. Дел од мерките се да се воведат максимални цени на основните прехранбени производи или да се ограничат трговските маржи и да се намали ДДВ за основните производи за период од три месеци.
До Регулаторната комисија за енергетика, пак, апелираат најмалку двапати неделно да има разгледување на цените на нафтените деривати имајќи предвид дека на меѓународните берзи веќе има намалување на цените.
Демократската унија за интеграција бара и зголемување на минималната плата од март за најмалку 3 500 денари, наместо предвидените 1 600 денари.
