Со реакција на коментарот на опозициската партија попладнево се јави владејачката „Вреди“, ословувајќи ја партијата со „нон грата ДУИ“. Порачаа дека ДУИ единствено зборува за европски вредности, а оти години наназад го блокирала патот на земјава кон ЕУ, го уништила правосудниот систем, го партизирала судството и ја пополнила т.н. американска „црна листа“
Опозициската Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска ја обвини владејачката коалиција „Вреди“ оти лажно ветила дека ќе го преиспита своето учество во власта ако шест месеци од формирањето на новата влада не се откочи евроинтеграцискиот пат на земјава.

„Денеска се точно шест месеци од формирањето на оваа влада и големото ветување на ‘Вреди’. Шест месеци подоцна евроинтеграциите остануваат блокирани, додека Албанците и понатаму се лажат со илузии и празни зборови. Без конкретен напредок, без храбро дејство – само молк и изговори од коалицијата која целото свое политичко постоење го изгради на манипулации и измами. Порачаа дека нема да формираат влада без уставни измени, а документ за ова потпиша и пред изборите. Ветија и дека по изборите во ЕУ и Бугарија ќе направат уставни измени. Потоа рекоа 3-4 месеци. И на крајот рекоа пред Нова година, во рок од 6 месеци“,
велат од ДУИ, оценувајќи дека „Вреди“ ја изневерила довербата на Албанците.
Обвинија оти лажното ветување за европска интеграција на земјава било со цел одржување на коалицијата на власт, купување време и, како што велат од ДУИ, криење на нивните катастрофални неуспеси. До „Вреди“ упатија директно прашање – дали ќе го одржат ветувањето што самите го дадоа пред изборите.
„Или ова ќе биде уште едно поглавје во историјата на нивните измами? Вашето време за изневерување заврши! Покажете интегритет или јавно признајте дека вашата политика не е ништо друго освен илузија за да ги измамите граѓаните и да ја задржите власта по секоја цена!“,
додаваат од партијата на Али Ахмети.
Со реакција на коментарот на опозициската партија попладнево се јави владејачката „Вреди“, ословувајќи ја партијата со „нон грата ДУИ“. Порачаа дека ДУИ единствено зборува за европски вредности, а оти години наназад го блокирала патот на земјава кон ЕУ, го уништила правосудниот систем во државата, го партизирала судството, истовремено со обид за амнестија на лица како Никола Груевски и Сашо Мијалков.

„Партијата нон грата ДУИ, која со години молчеше за реформите во правосудството и кога ЕУ ги раздели Албанија и С Македонија на патот кон ЕУ, денес бара овие работи да се средат преку ноќ со магично стапче. Им велиме дека да, С Македонија ќе биде членка на ЕУ, но никогаш со антиамериканска партија како ДУИ во Владата. Оние кои беа повикани на европските вредности, ја пополнуваат американската црна листа!“,
велат од „Вреди“.
Додаваат дека во овој мандат, земјава ќе ги отвори преговорите и ќе биде многу блиску до членство во ЕУ.