Одлуката на ДУИ, како што се наведува, доаѓа по изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека Талат Џафери не ја заслужува поддршката на ВМРО-ДПМНЕ за технички премиер и дека во интерес на добрата атмосфера и демократскиот процес партијата би се воздражала од гласање
Премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, денеска во изјава за медиуми рече оти смета дека местата кои со закон ѝ следуваат на опозицијата во техничката влада, треба да останат празни додека ВМРО-ДПМНЕ не даде глас за таа влада. Од опизициската партија веднаш излегоа со реакција во која велат дека правото не познава предлози за министри „празно место“
Пратениците на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во Собранието нема да ги поддржат предлозите за министри и заменици-министри во техничката влада од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, потврдиле за МИА извори од владејачката партија.
Идентична информација претходно објави и телевизијата Клан Македонија, исто така, повикувајќи се на извори од ДУИ.
Одлуката на ДУИ, како што се наведува, доаѓа по изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијaн Мицкоски, дека Талат Џафери не ја заслужува поддршката на ВМРО-ДПМНЕ за технички премиер и дека во интерес на добрата атмосфера и демократскиот процес партијата би се воздржала од гласање.
Ова беше и ставот што го зазеде Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на 11 јануари, а кој го соопшти потпретседателот на партијата Тимчо Муцунски, кој тогаш кажа дека под водство на Талат Џафери, техничката влада нема никаков легитимитет и истата е само коалициски договор помеѓу СДСМ и ДУИ.
Премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, денеска во изјава за медиуми рече оти смета дека местата кои со закон ѝ следуваат на опозицијата во техничката влада, треба да останат празни додека ВМРО-ДПМНЕ не даде глас за таа влада.
Тој го повика идниот мандатар Талат Џафери да направи влада во која министерските и дополнителните заменички министерски места ќе останат празни, а кога ВМРО-ДПМНЕ ќе одлучи да ја поддржи техничката влада, тогаш да се вметнат нивните министри.
„Кога се учествува во влада, тоа значи дека таа влада треба да се поддржи. Во светот не постои искуство и пример политичка партија да учествува во влада, а притоа да не ја поддржи таа влада. Постојат примери во кои политичка партија не учествува во влада, ама ја поддржува. Меѓутоа, не постои пример политичка партија да земе учество во влада, а да не гласа за владата. Затоа, сметам дека ВМРО-ДПМНЕ согласно закон, исто како и сите други политички партии кои се повикани да имаат министри во техничката влада, треба да ги даде своите кандидати и да гласа за таа влада. Доколку ВМРО-ДПМНЕ реши да не гласа за таа влада, тогаш сметам дека тие места треба да останат празни, мандатарот да предложи влада во кои тие места ќе бидат испразнети, и во моментот кога ВМРО-ДПМНЕ ќе реши да ја поддржи владата, наредниот ден ќе може мандатарот да предложи и во истиот ден да се изгласаат министрите кои им следуваат“,
рече Ковачевски во изјави за медиумите по одбележувањето на празникот Богојавление – Водици во Скопје.
Неделникот „Фокус“ претходно, повикувајќи се на извори од владејачкиот СДСМ, објави дека предлогот за состав на техничката влада ќе биде доставен во Собранието без имиња и презимиња на канадидатите за министри и заменици-министри од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија денеска преку соопштение одговорија на изјавата на Ковачевски, коментирајќи дека токму поради ваквите евтини трикови и надмудрувања, кои биле очекувани од СДСМ и нејзиниот лидер, ВМРО-ДПМНЕ повикала на укинување на техничката влада.
Во реакцијата, од партијата велат дека правото не познава предлози за министри „празно место“.
„Со цел да се постапи државнички и одговорно ВМРО-ДПМНЕ прифати да учествува во техничката влада, без да го гласа техничкиот премиер Џафери од ДУИ. Останува на власта дали ќе одбере да го почитува законот или истиот ќе го крши, што само ги открива и позадинските намери за загрозување на изборниот процес што е доказ за огромната доза на нервоза кај власта во заминување“,
се наведува во реакцијата од опозициската партија.
Оттаму велат дека остануваат на истиот став и имињата за министри и заменици ќе бидат предложени наредната недела.