„Јас би претпочитала да ги оставам тие одговори и реакции на Муцунски и Филипче на нив, не би сакала да коментирам“, рече вечерва новата портпаролка и потпретседателка на ДУИ, Арта Биљали-Зендели
Демократската унија за интеграција (ДУИ) вечерва одби да одговори на коментрите на шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски и на лидерот на СДСМ, Венко Филипче во врска со барањата и изјавите на лидерот на интегративиците, Али Ахмети.
Прашана за нив, новата портпаролката на ДУИ, Арта Биљали Зендели, изјави дека реакциите на Муцунски и Филипче ги остава на нив и оти не сака да ги коментира.

„Ние сме на првиот состанок на претседателството на Централниот одбор и со оглед на тоа што сме фокусирани на понатамошното развивање на Демократската унија за интеграција, јас би претпочитала да ги оставам тие одговори и реакции на Муцунски и Филипче на нив, не би сакала да коментирам“,
рече таа.
За потсетување, Муцунски и Филипче вчера и денеска дадоа свој коментар на политичкото барање што лидерот на ДУИ го испорача во своето обраќање на 5. конгрес на партијата во саботата, каде рече дека Владата во иднина треба да се избира со Бадентерово мнозинство во парламентот, а исто така и Уставниот суд, кога ќе носи одлуки за закони што во Собранието се носат со Бадентерово мнозинство, да решава со Бадентерово мнозинство.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски во интерјуто за „360 степени“ емитувано вчера (22 декември 2025 г.) на МРТ 1, одговарајќи на прашање рече оти смета дека Ахмети сè уште живее во фолклорот од времето кога првпат стана дел од владата во 2002 година.
„Поминати се многу години, повеќе од 20 години од времињата во коишто е заглавена неговата свест. Можеби длабоко во себе знае дека сите овие работи за коишто зборува се нереални, но очигледно се чувстува дека му е стеснет политичкиот простор и нема друга тема на којашто може да дискутира“,
рече Муцунски.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одговарајќи на новинарски прашања во Собранието, ја коментираше и изјавата на Ахмети, во која, како што пренесоа дел од медиумите, рекол дека „ја растурил Југославија“, додавајќи дека тој „не е преставник на мачки, туку на лавови“ и дека никој во Македонија не знае подобро од него како се прави национализам.
„Сметам дека тие барања на Али Ахмети се само за негово лично политичко поентирање. Ние имаме одличен соживот со нашите сограѓани од сите националности во нашата партија, во раководството на партијата. Има луѓе од другите етнички заедници и нашиот мултиетнички, мултикултурен карактер нема да се смени, ниту пак се негува на тој начин којшто го предлага господинот Ахмети. Гледам кажал дека ја растурил Југославија. Ако мисли дека вака ќе ја растури Македонија, можам да порачам дека нема да победи на овој начин“,
изјави Филипче.
Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска попладне го одржа првиот состанок на претседателството на Генералниот совет на партијата на кој бил разгледан и одобрен деловникот за работа, како основен акт за работењето, координацијата и донесувањето одлуки на ова тело.
Состанокот, кој доаѓа по 5. конгрес на партијата што се одржа во саботата, бил свикан од претседателот на партијата, Али Ахмети, и на него како што информираа од ДУИ, биле донесени важни одлуки во врска со организацијата на секретаријатите, како и партиската структура на интегративиците.
