Од партијата сметаат дека ова е политика што произведува дискриминација преку селективни одлуки. Според ДУИ, владејачката ВЛЕН наместо да го брани албанскиот културен интерес, таа е дел од проблемот

Демократската унија за интеграција (ДУИ) смета дека Националната стратегија за развој на културата, промовирана од Министерството за култура, не гради мостови на соживот – туку подига ѕидови на исклучување. Од ДУИ велат дека наместо еднаква застапеност, Националната стратегија покажува отворено селективен пристап кон албанската култура.
Според ДУИ, меѓу проектите што ги заобиколуваат Албанците се предвидува и затворање на Музичкиот ансамбл во Тетово за кој велат дека не е само институција, туку симбол на албанскиот идентитет и креативност.
„Да се затвори овој ансамбл значи директно да се удри врз нашата култура и достоинство. Неговото затворање не е само административна одлука, туку директен удар врз албанскиот културен дух“,
се вели во денешната реакција од ДУИ.
Од партијата сметаат дека оправдувањето за „ограничени капацитети“ е слабо и лицемерно бидејќи, како што велат, овој ансамбл не е случајност, туку оти тој е резултат на јасна политичка визија, создаден за да обезбеди реален простор за албанските уметници.
Според ДУИ, обезбедени се средства, отворени се работни места, изградена е стабилна основа што барала само континуитет.
„Денес, наместо развој, имаме саботажа“,
велат од ДУИ.
Оттаму додаваат дека Министерството за култура и ВЛЕН не дејствуваат случајно, туку свесно.
„Прво ги блокираа вработувањата, дури и таму каде што имаше обезбедени средства, а сега истата состојба ја користат како алиби за затворање. Ова не е лошо управување – ова е стратегија за негирање и исчезнување. Забраната за вработувања во јавниот сектор не беше техничка мерка – тоа беше директен удар врз институциите што ги претставуваат Албанците“,
сметаат од Демократската унија за интеграција.
Од партијата сметаат дека ова е политика што произведува дискриминација преку селективни одлуки. Според ДУИ, владејачката ВЛЕН наместо да го брани албанскиот културен интерес, таа е дел од проблемот.
„Додека еден вистински културен ансамбл се затвора, ВЛЕН изведува и претпочитува друг ‘ансамбл’ – оној на политички конформизам, каде главната улога е молкот пред неправдата“,
сметаат од ДУИ.
Според партијата, институциите што ја одржуваат културата жива се гаснат во тишина, а тоа е Музичкиот ансамбл во Тетово, кој е „повеќе од институција – тоа е наследство, идентитет и гордост“.
