Османи рече дека ќе се разговара за сите прашања што ќе бидат покренати од членовите на претседателството, а Меџити, кој е дел од „огнените“, кратко одговори дека очекува да се дискутира „за ДУИ“
Раководството на ДУИ денеска од 13 часот е на состанок во партиското седиште во Мала Речица, а на него се очекува да се разговара и за внатрепартиските прашања што се наметнаа по револтот кој јавно го искажа т.н. „огнена група“ во однос на партиските функционери во извршната власт.
Во пресрет на состанокот, министерот Бујар Османи посочи дека ќе се разговара за сите прашања кои останале неразговарани на претходната седница, а кои ќе ги покренат членовите на претседателството.
На прашање дали и барањата на „огнените“ ќе бидат ставени на дневен ред, тој одговори дека ќе се дискутира за секое прашање што ќе го покрене претседателството.
Новинарските екипи го забележаа и пристигнувањето на потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити, кој е еден од „најистурените“ играчи од огнената група. Прашан за што очекува да се разговара на средбата, како што пренесува ТВ 21, Меџити кратко им одговори на новинарите: „За ДУИ“.
Претходниот состанок раководството на ДУИ го одржа пред точно една недела, но тогаш се разговараше само за иницијативата „Фронтот за Европа“. Лидерот Али Ахмети по тогашниот состанок најави дека денеска ќе се разговара за „развојот внатре во ДУИ“.
„Следната недела ќе разговараме за конкретни делови за работа на Фронтот, но и за развојот внатре во ДУИ и другите партии. ДУИ не е направена за да се распадне, туку е формирана за да гради. Нашата партија не е формирана за поделби, туку да формира нови работи. Разговаравме за европскиот фронт. Ако е потребно, може да разговараме пак за таа тема“,
рече Ахмети мината сабота.
По таа средба, и членовите на „огнените“, кои беа присутни на седница, најавија дека за нивните барања ќе има дебата наредната недела, односно денеска.