ДУИ на изборите на 12 април ќе настапи сама, одлучи централното претседателот на партијата. Артан Груби, кој го соопшти овој став вечерва, ѝ порача на опозицијата во албанскиот политички блок да се обедини.
„ДУИ е најголемата албанска политичка партија и на овие избори ќе настапи самостојно, без коалиции, ниту со македонските ниту со албанските партии. Напротив, ги повикуваме албанските партии во опозицијата да се соединат, за да не се изгубат гласовите на Албанците и бројот на пратеници во Собранието. Во секој случај, тука е ДУИ која ќе ги добие изборите и сметам дека ќе ги претставуваме така како што сме ги претставувале Албанците во изминатите 17 години, на најдостоинствен начин“, рече Груби.
На новинарско прашање во врска со информациите во јавноста дека во техничката влада нема да има министри од ДУИ, Груби одговори дека неговата партија е клучна за политички процеси во Македонија, без разлика на функциите.
„ДУИ беше определувачки фактор за формирање на ова парламентарно мнозинство. Таму каде што ќе одлучи ДУИ, таму се формира парламентарно мнозинство и оваа влада. Гласовите на ДУИ беа пресудни за да се дојде до промена на името, договорот со Бугарија, јазичната еднаквост. И до судски реформи и членство во НАТО, затоа што така одлучи Али Ахмети и ДУИ. Заедно бевме тука на 29 јануари 2017 година кога ние донесовме одлука Македонија денес да биде пред вратите на НАТО, со судски реформи, со јазична еднаквост, со променето име, со променет Устав, со договор со Бугарија. За нас се небитни функциите“, рече Груби.
Оваа седница на претседателството на ДУИ беше последна пред четвртиот конгрес закажан за в сабота, 21 декември.
На седницата се определени пет нови програмски определби, промените на статутот, како и предлог-листите за органите на партијата за конгресот.