„Албанското политичко претставување произлегува исклучиво од волјата на граѓани Албанци – автентично, достоинствено и слободно. Тоа не е предмет на пазар, дизајн или политички инженеринг од политичари кои неспособноста да раководат ја покриваат со омраза и се плашат од мултиетничноста наместо да ја прифатат како вредност“, велат од ДУИ

Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази загриженост поради, како што ги нарекуваат, континуираните обиди на Христијан Мицкоски, да се наметне како „тутор“ на албанската политичка сцена во земјата.
Реакцијата на ДУИ доаѓа по изјавата на Мицкоски во која, како што велат од партијата, тој јавно сугерира со кого треба да коалицира Арбен Таравари.
Според ДУИ, ова претставува опасен и неприфатлив обид за реконфигурирање на политичката волја на албанските гласачи.
„Ова е црвена линија што никогаш досега не е премината – и што никогаш нема да биде дозволено да се премине“,
велат од ДУИ.
Во соопштението од ДУИ велат дека Мицкоски е „политичар кој ја има изградено својата кариера врз омраза, исклучивост и национализам“ и нема ниту морален, ниту политички легитимитет да го дизајнира албанското политичко претставување.
Тие ги оценуваат неговите постапки како навреда кон политичката зрелост на Албанците и директно поткопување на неговата позиција како премиер.
Од ДУИ велат дека Мицкоски го има загубено кредибилитетот да биде долгорочно решение во мултиетничка држава и оти историјата ќе го памети како човек кој се обидел привремено да ја узурпира власта преку национализам, но не успеал поради неговиот „политички софтвер“ кој не е компатибилен со „мултиетничкиот хардвер“ на државата.
„Албанското политичко претставување произлегува исклучиво од волјата на граѓани Албанци – автентично, достоинствено и слободно. Тоа не е предмет на пазар, дизајн или политички инженеринг од политичари кои неспособноста да раководат ја покриваат со омраза и се плашат од мултиетничноста наместо да ја прифатат како вредност“,
се додава во соопштението на ДУИ.
На крајот од ДУИ велат дека Мицкоски „не е и никогаш нема да биде тутор на политичко претставување на Албанците“.
Реакцијата на ДУИ доаѓа откако денеска премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање рече дека на средбата со Арбен Таравари, која најверојатно ќе се одржи утре, ќе побара од него да слушне став – дали е точно дека има договор со ДУИ.
Мицкоски додаде дека сака да знае дали Таравари и ДУИ се договориле меѓусебно да соработуваат во пет или шест општини каде само една од тие две страни ќе извади кандидати, а другата ќе ги поддржи. Тоа, рече Мицкоски, за мене е неприфатливо како претседател на Владата.