Оттаму нагласуваат дека она што ДУИ го нарекува поттик за етнички судир всушност е крајот на нивното владеење кое траело две децении
Откако ДУИ реагираше на денешната изјава на премиерот кој ги обвини нив и СДСМ дека имаат таен план за создавање хаос на изборите, велејќи дека неговите изјавни не се само чисти клевети и неуспешен обид да се сокрие кризата на легитимитет на неговата моноетничка влада, туку и опасни, следуваше реакција од владејачката партија денеска од каде велат дека ДУИ продолжува со манипулации и злоупотреба на меѓуетничките односи за да ја прикрие вистината – дека нејзиното место во опозиција е резултат на демократската одлука на граѓаните.
„Изјавите на премиерот Мицкоски не се закана, туку потврда дека Македонија влегува во нова ера на еднаквост и правда, каде што нема недопирливи и привилегирани“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму нагласуваат дека она што ДУИ го нарекува поттик за етнички судир всушност е крајот на нивното повеќе од две децении владеење, кое, како што се наведува, било обележано со корупција, клиентелизам и злоупотреба на етничката карта за лични привилегии.
„Секој граѓанин – Македонец, Албанец, Турчин, Србин, Влав, Ром или Бошњак – заслужува држава со силни институции и еднакви можности. Тоа е патот по кој Владата чекори. ДУИ треба да разбере: демократијата значи почитување на волјата на народот. А волјата на народот е тие да седат во опозиција“,
се вели во соопштението.
За потсетување, премиерот денеска на партиска трибина рече оти е време да се открие „вистината за влаканите игри кои се подготвуаат зад кулисите“. Според него, СДСМ и ДУИ имаат смислено и координирано сценарио за хаос, политичка магла и манипулации.
Следуваше реакција од опозициската ДУИ од каде порачаа дека пораките на Мицкоски за тајно сценарио со СДСМ и предизвикување хаос на изборите претставуваат поттик за етнички судири. ДУИ, како што се наведува во рекацијата, отсекогаш била гаранција за слободни и демократски избори и нема никаква причина да се вклучи во „тајни планови“ или „хаос“, како што тврди Мицкоски.