Имено, во полицискиот билтен за 25.7.2024 година, како што соопшти МВР, СВР Охрид му поднело кривична пријава на К.Б. (39) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело попречување на правдата. Како што пишува Телма, станува збор за поранешниот министер од редовите на ДУИ, Крешник Бектеши, односно иницијалите објавени во билтенот соодветствуваат на неговото име
Обвинувања против Бектеши од ДУИ ги квалификуваат како неосновани кои имаат за цел дискредитација на партијата и нивните претставници
Охридската полиција му поднела кривична пријава на поранешниот министер за економија Крешник Бектеши за кривично дело поврзано со изборниот процес, објави телевизија Телма.
Имено, во полицискиот билтен за 25.7.2024 година, како што соопшти МВР, СВР Охрид му поднело кривична пријава на К.Б. (39) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело попречување на правдата.
„На 7.5.2024, пријавениот од својот мобилен телефон преку мобилна апликација му испратил порака на полициски началник во СВР Охрид со која коментирал преземање законски полициски мерки и истражни дејствија поврзани со кривично дело по член 149 од Кривичниот законик и член 190 став 2 од Изборниот законик“,
се наведува во полицискиот билтен.
Како што пишува Телма, станува збор за поранешниот министер од редовите на ДУИ, Крешник Бектеши, односно иницијалите објавени во билтенот соодветствуваат на неговото име.
По ваквата информација, на социјалната мрежа Фејсбук реагираа сопартијците на Бектеши, Артан Груби и Арбер Адеми, за кои поднесената кривична пријава против Бектеши е политички прогон.
„Заканите и политичкиот прогон од страна на владините партии и државните моноетнички институции се продолжение на стратегијата и напорите да се уништи моќната и легитимна албанска политичка репрезентација и да се замени со сервилни марионети кои ја поткопуваат државната моноетничност во замена за дозвола за развивање на маалски политички игри. Истовремено, служи за покривање на 300-те скандали во првите 30 дена кои не вратија 30 години наназад со масовната неспособност и незнаење да управуваме со државата“,
напиша Груби на Фејсбук.
„Класичен политички прогон! Но, знаете, ова не поминува! Клеветата, заканите, уцените се 0 за Крешник и за сите нас. Срамот, скандалите и вазалството, кршењето на волјата на албанскиот гласач придружено со секојдневни неуспеси не можете да ги покриете со политички прогон за наводно постоење на каков било изборен прекршок. Знајте дека ќе се соочите со нас со храброст и истрајност во нашата благородна мисија да го заштитиме достоинството на албанскиот гласач“,
пишува Адеми.
ДУИ: Лов на вештерки
Обвинувања против Бектеши од ДУИ ги квалификуваат како неосновани кои имаат за цел дискредитација на партијата и нивните претставници.
„Демократската унија за интеграција го осудува политички мотивираниот лов на вештерки кој е насочен кон нашиот поранешен министер за економија Крешник Бектеши и ДУИ како политичка организација. Неоснованите обвинувања за попречување на правдата против него се последните во серија неосновани обвинувања и закани кои имаат за цел дискредитација на нашата партија и нејзините претставници. Во текот на минатиот месец се соочивме со многубројни закани за животите на нашите пратеници и партиски функционери, покрај дневните лажни клевети“,
стои во реакцијата од ДУИ објавена на нивната официјална веб-страница.
Овие дејствија, според ДУИ, се јасен обид на Владата да го одвлече вниманието на јавноста од своите, како што велат оттаму, катастрофални неуспеси и „да го заплаши албанскиот граѓанин кој со право е огорчен од брзото влошување на неговата позиција од формирањето на оваа влада“.
„Ова е отворен обид за политичка одмазда кон партијата која го институционализира достоинството на албанскиот народ во оваа земја и да го замолкне гласот на албанскиот народ со враќање на заробената држава. Јасно е дека владата со моноетнички легитимитет се обидува да ја прикрие својата неспособност и лошото управување напаѓајќи ги политичките противници. Остануваме решителни и нема да бидеме исплашени од овие кукавички тактики“,
велат од ДУИ.
Оттаму ги повикуваат меѓународната заедница и медиумите да ги следат ваквите настани одблизу.