„Тоа го поткрепивме со тоа што го гледаме на терен. После 22 години владеење и после сите овие политички акробации и селотејп-коалиции што ДУИ е принудена да ги направи, а ако на тоа го додадеме и речникот на господинот Ахмети кој се служи само со навреди, е знак за притисокот што тие го чувствуваат не само поради фактот што не се власт, туку поради тоа што го губат теренот“, вели министерот за европски прашања од редовите на ВЛЕН, Орхан Муртезани

Коалицијата ВЛЕН претендира да освои градоначалник во сите општини во кои постои албанско гласачко тело. Ова во емисијата „360 степени“ на МРТ 1 го изјави министерот за европски прашања од редовите на ВЛЕН (потпретседател на Алтернатива), Орхан Муртезани.
Тој вели дека очекуваат ДУИ да победи само во Пласница каде што ВЛЕН нема кандидат.
„Тоа го поткрепивме со тоа што го гледаме на терен. После 22 години владеење и после сите овие политички акробации и селотејп коалиции што ДУИ е принудена да ги направи, а ако на тоа го додадеме и речникот на господинот Ахмети кој веќе се служи само со навреди, е знак за притисокот што тие го чувствуваат не само поради фактот што не се власт, туку поради тоа што го губат теренот, а упорно одбиваат да прифатат сигнал дека назад во власта може да ги вратат само суштински реформи и промена на дискурсот, а не навредите и хардкор националистичкиот пристап“,
вели Миртезани.
На коментарот дека е, сепак, нереално ДУИ да победи само во Пласница, Муртезани одговори дека ВЛЕН тргнале на овие избори за да направат апсолутна победа. Прашан колку гласови очекува на советничките листи, Муртезани рече дека локалните избори се многу покомплексни за тоа што се смета како победа.

„Прво, мислам дека најбитен фактор е бројот на градоначалници. Меѓутоа, секако дека многу битен фактор е и листата на советници, односно гласовите на листата. Имајќи ги предвид сите овие факти, мислам дека како коалиција ВЛЕН, ние во најмала мера ќе го повториме резултатот од претходните избори. (…) Или да бидам прецизен, очекуваме прво победа во градоначалнички места и на советничките листи во сите општини каде што живеат Албанците во Северна Македонија. Така што, според сите наши прелиминарни проценки и од направените анкети и од аналитичкиот центар, ние треба да го повториме резултатот, бидејќи ваквото повторување на резултатот ќе продолжи да ја гради перцепцијата дека ДУИ не може да избегне одговорност од суштински реформи внатре во нив. И мислам дека повторувањето на тој резултат ќе биде многу битен печат на овој дискурс“,
вели Муртезани.
На прашањето – ако сликата не биде целосно јасна, како на крајот ќе се одредува победникот со оглед дека тоа е многу комплексно прашање особено на локални избори, Муртезани посочи дека прво е важно кој ќе победи во најголемите општини во кои живеат Албанци, како што се Чаир, Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар и Струга.
„Значи, првиот индикатор за победа е од овие шест општини, кој ќе добие најмногу. Второ, од вкупниот број општини, мислам дека се 16, кој ќе има една општина повеќе. И третиот фактор е кој ќе има повеќе гласови на гласачката листа. Ако гледаме како Али Ахмети ги има поделено општините, односно како најбитните градови или повеќето им ги има дадено на своите коалициони партнери, мислам дека има спремено терен оваа политичка одговорност од поразот на изборите да им ја препушти на своите коалициони партнери“,
смета тој.