Од партијата на Ахмети алудираат на изјавата што вчеравечер ја даде вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ во гостување на ТВ Канал 5, дека директорот на Инспекторатот за употреба на јазиците сигурно ќе биде разрешен од функцијата откако на новинарски прашања одбил да даде одговор и на македонски јазик
Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) обвини дека Владата преку серија институционални чекори системски го отстранува албанскиот јазик од јавната сфера.

Партијата конкретно се осврна кон Инспекторатот за употреба на јазиците, кој, како што велат, е практично блокиран, без автономија, а инспекторите шест месеци не земаат плата и се без основни услови за работа, вклучително и пристап до службени возила.
„Скандалот е продлабочен од страна на Министерот за политички систем, кој вчера изјави дека ќе го смени директорот на Инспекторатот не поради неработење, туку за да му го покаже местото. Оваа изјава е директна демонстрација на институционален притисок и понижување врз службената употреба на албанскиот јазик“,
велат од ДУИ.
Од партијата алудираат на изјавата што вчеравечер ја даде вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ во гостување на ТВ Канал 5, дека директорот на Инспекторатот за употреба на јазиците сигурно ќе биде разрешен од функцијата откако на новинарски прашања одбил да даде одговор и на македонски јазик.
„На следната седница во вторник сигурно ќе биде разрешен, 99 проценти. Јас имам концесија да покренам иницијатива на седница на Владата да биде сменет веднаш“,
рече Стоилковиќ прашан да го коментира настапот на директорот на Инспекторатот, Арсим Идризи.
ДУИ ги повикаа сите албански општествени фактори, вклучувајќи ги и, како што ги нарекоа, остатоците од ВЛЕН од Владата, да преземат одговорност и јасно да се спротивстават на системските закани врз албанскиот јазик.
„Албанскиот јазик не е политичка привилегија, тој е уставна категорија и дел од темелите на Охридскиот договор“,
додаваат од партијата.