Тие додаваат дека во потесниот круг на кандидати, каде се четворица, нема ниту еден Албанец, што според нив, воопшто не го одразува мултиетничкиот карактер на државата

Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска изразува незадоволство од, како што велат, неводењето грижа од страна на Владата и претседателката за пристојно учество на Албанците во општествените текови.
Од партијата реагираат на претстојното гласање за избор на нов гувернер на Народна банка кое ќе биде на 20 мај, каде, според нив, ниту се споменува можноста Албанец да ја заземе оваа позиција.
Од ДУИ велат дека сите се однесуваат како оваа функција да е резервирана исклучиво за етнички Македонци, оценувајќи го тоа како однапред завршена работа.
Тие констатираат дека во потесниот круг на кандидати, каде се четворица, нема ниту еден Албанец, што според нив, воопшто не го одразува мултиетничкиот карактер на државата.
„Без разлика што за изборот постои јасна уставна и законска процедура, која минува низ филтерот на претседателката, а потоа и собранискиот филтер, политичките претставници на Албанците во рамките на парламентарното мнозинство требаше да обезбедат барем учество во потесниот избор на еден од врвните економски експерти – Албанци кои ги има оваа земја“,
се вели во партиското соопштение.
Од ДУИ изразуваат разочарување што Албанците во парламентарното мнозинство „како да не смеат ни да прашаат за ваквите позиции, а камоли да се изборат за избор на Албанец на ваква висока државна функција“.
Партијата го критикува премиерот за, како што наведуваат, создавање „чисти етнички средини околу себе“, почнувајќи од неговиот кабинет и најблиските соработници, а сега, според нив, се демонстрира дека за позицијата гувернер Албанците немаат ниту еден претставник кој би можел да влезе во потесниот круг за избор.
ДУИ потсетува дека Република Северна Македонија е држава на сите нејзини граѓани, без разлика на нивната етничка припадност, и дека Уставот ја обврзува државата да се грижи за правилна дистрибуција и учество на сите етнички заедници во општествените текови.
Во соопштението ДУИ ја повикува претседателката, во рамките на своите можности, да покаже поголема лојалност кон уставните одредби кои го дефинираат мултиетничкиот карактер на државата, наместо кон барањата кои ѝ ги доставува Владата.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека името на фаворитот на владејачкото мнозинство за гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија ќе биде познато в понеделник (19 мај), а веќе следниот ден треба да се најде пред пратениците во Собранието, кои ќе гласаат за неговиот избор.
Рече дека разговарал и со претседателот на Собранието, Африм Гаши, изборот на гувернер на Народната банка да биде ставен како точка на дневниот ред на седницата закажана за 20 мај.
Во јавноста се споменуваат неколку имиња кои се посочуваат како главни кандидати за високата функција. Меѓу нив се поранешните министри за финансии, Зоран Ставрески и Трајко Славески, актуелниот претседавач со Советот на Град Скопје.
Покрај Ставрески и Славески, потенцијални кандидати за иден гувернер се и актуелната Ангеловска-Бежоска и Маја Кадиевска-Војновиќ, актуелна членка на Надзорниот одбор на КИБС и Надзорниот одбор во Стопанска банка Битола.