„Наместо Европска Унија, ВЛЕН донесе ’српски свет’ заедно со Додик, Вучиќ, Русија и Кина на врвот на државата“, велат од ДУИ
Од ВЛЕН, пак, велат дека ДУИ и нејзините сојузници се обидуваат да ја сокријат својата внатрешна криза со менување на имиња и логоа, како „Европски фронт“, „Национален фронт“ и сега НАИ“

Партиите на Албанците од власта и од опозицијата денеска преку соопштенија меѓусебно се обвинуваат, каде што ДУИ тврди дека ВЛЕН е одговорна за неуспехот на европскиот пат и за приближување кон Србија и Русија, додека ВЛЕН ја обвинува ДУИ за 22 години лаги и корупција.
Во соопштението на ДУИ се наведува дека коалицијата ВЛЕН не ги исполнила ветувањата за усвојување на уставните измени веднаш по формирањето на Владата, и дека наводно ги пролонгирала роковите, иако ветувала дека ќе ја напушти власта ако тоа не се случи.
„Наместо Европска Унија, ВЛЕН донесе ’српски свет’ заедно со Додик, Вучиќ, Русија и Кина на врвот на државата“,
се вели во соопштението.
ДУИ ги обвинува ВЛЕН за секојдневни скандали, неспособност, сервилност и за „една голема нула“.
„Тоа се карактеристиките на ВЛЕН. Но, ни тоа не е доволно за тие да ја исправат кичмата и да си заминат од срамот што ги зафати“,
додаваат од ДУИ.
Оттаму, како што велат потсетуваат за да не се заборави, на неисполнети ветувања како 2 500 вработувања и 10 000 евра за секој граѓанин.
„Ветија Академија на албанските науки, го донесоа Додик. Ветија албанска банка, ја донесоа српската банка. Ветија уставни измени и европска интеграција, донесоа Српски Свет. Ветија национални програми, го донесоа српскиот МТЕЛ. Охридскиот договор му го предадоа на путинистот Иван Стоилковиќ“,
велат од ДУИ.
Според ДУИ, ВЛЕН се политичка измама која скапо ги чини Албанците и кој, како што велат, е „од горд и на врвот на државата – до понижен, презрен и исклучен народ“.
Од ДУИ додаваат дека граѓаните го очекуваат октомври како народен референдум за достојно, чесно и резултатно претставување – а не за лаги, манипулации, скандали и корупција.
Од друга страна, пак, ВЛЕН преку соопштение упати критики насочени кон ДУИ, обвинувајќи ги за долгогодишни лаги и неуспеси. Според нивното соопштение, ДУИ и нејзините сојузници се обидуваат да ја сокријат својата внатрешна криза со менување на имиња и логоа, како „Европски фронт“, „Национален фронт“ и сега НАИ“.
„Ова е јасен показател за партија која не знае која е и каде оди“,
се вели во соопштението на ВЛЕН.
Тие истакнуваат дека и покрај промената на боите и логото, граѓаните ги гледаат истите луѓе со истата корупција.
Од ВЛЕН укажувајќи дека ДУИ ја напуштаат клучни сојузници, како турската партија и Мендух Тачи, велат дека нивната коалиција, пак, никогаш не била пообединета.
„Вредноста не се мери со променети логоа и бои, туку со конкретни дела за граѓаните. Во овој поглед, ВЛЕН е единствената вистинска алтернатива за промени и развој. 22 години на власт, а сега мислат дека со промена на боите и името можат да ја избришат историјата на измами. Но, Албанците не забораваат: корупцијата, пазарењето и разочарувањата не се покриени со никакво ново лого“,
додаваат од ВЛЕН.