ДУИ и ВЛЕН денеска повторно се судрија за кандидатите за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи и Изет Меџити

Според ВЛЕН, граѓаните на Чаир добро знаат кој е Бујар Османи за којшто велат дека за дваесет години политика никогаш не направил ништо за Чаир, туку се враќал само кога му требаат гласови за да ја продолжи својата лична политичка кариера.
„Бујар Османи е симбол на кариеризмот – човек кој ја користеше секоја функција за сопствен напредок, а не за доброто на граѓаните. Како министер за здравство доби амнестија во предмет на СЈО за незаконски набавки, а извештаите на Државниот завод за ревизија документираат милионски незаконски трошоци: милиони денари за деривати без покритие, сервисирање возила без докази, незаконски вработувања преку агенции. Како министер за надворешни работи потроши над 120 милиони денари за Самитот на ОБСЕ, без документи, без фактури, без извештаи. Единствената ‘победа’ што ја запомнивме е тоа што го пречека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, потег што ѝ нанесе штета на меѓународната репутација на државата“,
се вели во соопштението на ВЛЕН.
Од владејачката коалицијата ВЛЕН додаваат дека Османи како претседавач на ОБСЕ станал познат по тоа што застанал на српска страна во спорот со Косово и, наместо да гради стратегиско партнерство со Косово, организирал десетици средби и ручеци со српскиот државен врв.
Од друга страна, според ДУИ, Чаир е пред историски најважната одлука во последните 20 години. Од партијата на Али Ахмети истакнуваат дека овие локални избори не се само избор за градоначалник, туку избори помеѓу два целосно различни правци во кои се движи општината.
„Изборот е помеѓу враќањето назад кон човекот кој ја уништи Општина Чаир со криминал и корупција или конечно тргнување напред со човек кој има визија, интегритет и знаење да ја води општината кон иднината. Од една страна изборот е Изет Меџити, градоначалник во три мандати кој го претвори Чаир во бизнис-зона за својата мрежа, кој живее надвор од општината и кој е симбол на дивоградби, криминал и уцени. Денес, наместо да се надева на поддршка од граѓаните на Чаир, тој влегува понижен и уценет од Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Се надева дека преку корупција, поткуп и поддршка од Мицкоски може повторно да го поништи гласот на чаирчани“,
велат од ДУИ.
Оттаму додаваат граѓаните на Чаир заслужуваат општина и службеници кои ќе работат за нив, а не за свои интереси.