„Ако има намерна промена на државниот курс, тогаш време е за отворена и искрена дебата за тоа која е алтернативата на Охридскиот договор“, велат од партијата на Али Ахмети во денешното соопштение
Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) денеска го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека со своето однесување, изјави и постапки ги поткопува стандардите и одговорноста што се очекуваат од еден државен лидер.

Реакцијата, според нејзиниот контекст, доаѓа по вчерашната дискусија и размена на обвинувања меѓу пратеникот на ДУИ, Блерим Беџети и премиерот Мицкоски во врска со укинувањето на „балансерот“ и законското решение што се очекува да го замени.
Коментирајќи го излагањето на Мицкоски, од ДУИ такво однесување можеби би му се толерирало на претседател на партиска општинска организација, но никако на премиер на мултиетничка држава.
„Тој урива сè што е градено со труд и посветеност со години – меѓуетничките односи, довербата меѓу граѓаните, лојалноста и чувството на заедништво во оваа држава. Со напаѓање на клучните столбови на Охридскиот мировен договор – јазикот, балансерот, правичната застапеност, легитимитетот и Инспекторатот за употреба на јазиците – тој го доведува во прашање унитарниот и интегративен карактер на државата“,
се вели во соопштението од ДУИ.
Во оваа насока, од партијата прашуваат ако целта е уривање на Охридскиот договор, која е алтернативата бидејќи, како што додаваат, во политиката нема вакуум.
„Ако толку жестоко се спротивставувате на договорот што донесе мир, интеграција, децентрализација и зачувување на унитарноста, тогаш мора отворено да кажете што нудите на негово место. Граѓаните прашуваат. И сè повеќе се загрижени. Ако има намерна промена на државниот курс, тогаш време е за отворена и искрена дебата за тоа која е алтернативата на Охридскиот договор. Бидејќи ние не можеме бесконечно да ја носиме одговорноста за неговата неодговорност“,
велат од ДУИ.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера од собраниската говорница, одговарајќи на прашање на пратеникот Блерим Беџети, рече дека закон за правична застапеност ќе има и дека тој лично ќе го извади и ќе го брани во Собранието. Но, како што посочи, тој закон ќе биде согласно Уставот и ќе гарантира вистинска правична застапеност на сите етнички заедници.
Беџети претходно ги обвини Владата и Министерството за администрација за несериозност и одолговлекување на процесот на носење на законот за правична застапеност.
Премиерот му рече дека „балансерот“ е укинат по предлог на претходната влада, во која учествувале и министри од ДУИ.
„Законот е готов уште минатата година, пред шест месеци. Но, за разлика од времето кога вие бевте министер за правда, законите треба да бидат согласно Уставот. За да не ни се случи тој повторно да падне на Уставен суд, а вие тука да излегувате со изјави кои ги злоупотребуваат чувствата на Албанците, да испраќате политички пораки“,
рече Мицкоски.
Тој посочи дека веќе нема да се прават грешките од минатото и да се носат закони без да се гледа нивната уставност и кои денес оставаат простор за политички тези.