„Сметаме дека изборите не се решение. Нема алтернатива што може да понуди решение на сите прашања, дали во односите со Бугарија, дали со Преспанскиот договор, дали со меѓуетничките односи… Не сме виделе ниедна алтернатива од страна на опозицијата, особено од ВМРО-ДПМНЕ“, рече министерот за надворешни работи во гостувањето во „360 степени“ на ТВ Алсат
Прашањето за тоа дали ќе се случи деблокада на пристапниот процес на Северна Македонија во ЕУ во јуни или не, не влијае на ставот на ДУИ дека не се потребни предвремени избори во земјава. Ова во синоќешното издание на емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат го изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој е од редовите на партијата на Али Ахмети.
„Сметаме дека изборите не се решение. Нема алтернатива што може да понуди решение на сите прашања, дали во односите со Бугарија, дали со Преспанскиот договор, дали со меѓуетничките односи… Не сме виделе ниедна алтернатива од страна на опозицијата, особено од ВМРО-ДПМНЕ“,
одговори Османи на забелешката дека опозицијата се нуди за алтернатива на економски план и во борбата против криминалот и корупцијата.

Напротив, рече Османи, има сигнали за влошување на меѓуетничките односи, а како пример ја посочи неодамнешната прослава на денот на воспоставувањето дипломатски односи со Хрватска.
„Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ реагираа затоа што модераторот зборуваше и на албански јазик и затоа што јас во говорот имав неколку параграфи на албански и тоа само укажува дека се уште не сме зрели за прифаќање на еднаквоста во државата. Тоа е само некој предвесник што ќе се случи доколку… Го немаше во медиумите, го кажувам првпат, но тие што беа таму го видоа тоа“,
рече министерот за надворешни работи.
Во врска со тоа дали има разлики меѓу СДСМ и ДУИ на темата „француски предлог“ и каков е ставот на Али Ахмети, Османи одговори:
„Јас го претставувам ставот на Владата, а таа нема став без став на Ахмети, на Ковачевски и, се разбира, на другите партнери. Така што, нема различен став на Владата и на политичките партии што се внатре. Ние сме во постојана координација. Дури тоа што, можеби, е нетипчно за наши услови, претседателот на држвата е консултиран како да е дел од еден систем, а секогаш порано имало проблем со кохабитацијата и комуникацијата. Јас, како што го информирам премиерот, така го информирам и шефот на државата, бидејќи изградивме ниво на доверба“,
изјави шефот на дипломатијата.