Денеска со коментар се јави и вицепремиерот Бојан Маричиќ, според кој секој сигнал од САД како наш стратешки партнер треба сериозно да се зема предвид. Меѓутоа, околу политичките чекори и натамошните институционални чекори, рече тој, треба да се огласи самата ДУИ и надлежните институции
Владиниот коалициски партнер Демократската унија за интеграции (ДУИ) по два дена, денеска се очекува конечно да излезе со коментар за ставањето на градоначалникот на Струга и член на централното претседателство на партијата, Рамиз Мерко, на „црната листа“ на САД.
Неговиот сопартиец, министерот за финансии Фатмир Бесими денеска најави дека партијата ќе има свој став и изјава во врска со случајот.

Министерот не сакаше да одговори како тој гледа на оваа ситуација и на ставањето на Мерко на црната листа.
„Ме прашувате за политичко и за партиско прашање. Тоа ќе го добиете денеска во текот на денот од партијата“,
рече Бесими одговарајќи на новинарски прашања на конференција во МАНУ.
На истиот настан беше и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ кој смета дека е добро да се позанимаваме со случајот со Мерко и со нашите институции.

„Секој сигнал од нашиот стратешки партнер треба сериозно да се зема предвид. А, околу политичките чекори и натамошните институционални чекори треба да каже секако политичката партија на која ѝ припаѓа господинот Мерко и надлежните институции“,
рече Маричиќ во одговор на новинарските прашања.
Вчера за Мерко коментираше и премиерот Димитар Ковачевски кој рече дека истражните и правосудните органи треба да ги испитаат наводите, но и да се запрашаат како САД дошле до такви сознанија, но не и тие.
Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, пак, вчера рече дека струшкиот градоначалник не е последен што ќе се најде на „црната листа“, туку таа ќе се проширува и со нови лица.
*Поврзани вести:
- Стејт департментот: Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко неподобен за влез во САД поради вмешаност во значителна корупција
- Агелер по одлуката на САД да го стават Мерко на црна листа: Ќе се бориме против секој кој го поткопува владеењето на правото
- Ковачевски: Правосудните органи ќе треба да ги испитаат наводите за Мерко и да се запрашаат како САД дознале за нив, а тие не
- Грковска очекува од правосудните органи соодветно да ги разберат пораките од САД по ставањето на Мерко на „црна листа“
- Мерко не е последен – на „црната листа“ на САД ќе се најдат имињата и на други лица од С Македонија, вели Агелер
- Судскиот совет влегува во Струшкиот суд, ќе проверува дали Мерко се мешал во судски постапки