Владејачката Демократска унија за интеграција (ДУИ) смета дека денешната собраниска седница за уставните измени ќе биде одлучувачка за европската иднина на С Македонија.
„Следствено на тоа, ДУИ апелира до сите пратеници да размислат за важноста на нивната историска задача за земјата да оди напред бидејќи уставните измени се одлучувачки чекор за продолжување на нашите евроинтегративни преговори“,
велат од ДУИ.
Од ДУИ велат дека е дојден крајот на манипулацијата со граѓаните од различни деструктивни сили откако тие ги ставиле на располагање сите можни опции само за евроинтеграцискиот процес на земјата да не биде блокиран.
„Демократската унија за интеграција уште еднаш ги повикува политичките партии и самите пратеници да ги остават настрана личните и партиските интереси, да не се обидуваат да ја блокираат, туку да ја приоритизираат европската иднина на граѓаните“,
повикаа од ДУИ.
Сметаат дека Република Северна Македонија има свое место во големото европско семејство. Порачуваат дека денеска ќе се види кој е за интеграција, а кој за изолација. „Кој за Европа, а кој за Русија, кој за перспектива, а кој за уназадување“, велат од партијата.
Инаку, Собранието денеска и официјално започнува со работа со 123. седница на која единствена точка на дневен ред е Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија.
Пред почетокот на седницата, власта и опозицијата имаат непроменети ставови. За владејачката СДСМ уставните измени се императив за граѓаните и избор меѓу „европска Македонија“ или изолација на државата, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот да не поддржи измени на Уставот во ваков формат под, како што велат, бугарски диктат и бараат предвремени избори.
