Демократската унија за интеграција бара одговори од Владата дали планира да ја отстрани делницата Требеништа – Струга – Ќафасан од Коридорот 8 и зошто заменик-министерката Калтина Зеколи и градоначалникот на Струга не кажале ниту еден збор за ова прашање кое министерот за транспорт јавно го најавил

Како алармантна и неприфатлива ја оценува Демократската унија за интеграција (ДУИ) изјавата на министерот за транспорт Александар Николоски оти е можно исклучување на делницата Требеништа – Струга – Ќафасан од проектот за Коридор 8 повикувајќи се на ограничувања поврзани со УНЕСКО.
Од ДУИ сметаат дека станува збор за стратегиски коридор кој ги поврзува Јадранското и Црното Море, обединувајќи ги Италија, Албанија, Северна Македонија и Бугарија во една економска и геополитичка оска.
„Делницата Требеништа – Струга – Ќафасан е составен дел од овој коридор и дел од одобрениот план и постојните договори. Отстранувањето на оваа делница не е само техничка промена. Тоа значи нарушување на самата логика и функција на Коридорот 8“,
велат од ДУИ.
Според ДУИ, со исклучувањето на оваа делница се прекинува природната врска на Коридорот меѓу Јадранот и источниот дел на Балканот.
Оттаму сметаат дека не станува збор само за инфраструктурно, туку и за геостратегиско прашање со кое се зајакнува врската исток–запад на јужното крило на НАТО.
„Слабеењето на овој коридор отвора простор за промоција на оска север-југ, што се совпаѓа со инфраструктурни проекти кои во регионот се промовираат од други геополитички актери. И добро знаеме дека зад таквата ориентација често стојат проекти поврзани со Србија, како и со интересите на Кина и Русија во регионот“,
додаваат од ДУИ.
Од партијата сметаат дека на секој обид за слабеење на Коридорот 8 мора да се гледа со најголема сериозност.
Осврнувајќи се на вчерашната посета на заменик-министерката за транспорт Калтрина Зеколи, од ДУИ велат дека таа промовирала други проекти, но не кажала ниту еден збор за изјавата на министерот Николоски.
„Ниту реакција, ниту појаснување, ниту став. Министерот најавува можност Струга да биде исклучена од Коридорот 8, а заменик-министерката Албанка молчи“,
велат од ДУИ.
Од ДУИ реагираат и на тоа дека реакција немало ниту од градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќира, за кој велат дека наместо да го брани интересот на градот што го води станува алиби за оваа ситуација.
Демократската унија за интеграција бара одговори од Владата дали планира да ја отстрани делницата Требеништа – Струга – Ќафасан од Коридорот 8 и зошто заменик-министерката Калтина Зеколи и градоначалникот на Струга не кажале ниту еден збор за ова прашање кое министерот за транспорт јавно го најавил
„Коридорот 8 е стратегиски државен и меѓународен проект. Тој не може да се менува со случајни изјави или со политички калкулации. Секој обид Струга да биде исклучена од овој коридор е неприфатлив“,
велат од ДУИ.
Реакцијата на ДУИ доаѓа откако министерот за транспорт во интервју за „360 степени“ рече дека изградба на автопатска делница Требеништа – Ќафасан би била проблематична за УНЕСКО и оти тој не би одел со главата во ѕид.
Тој кажа дека делегација од четворица министри и двајца градоначалници го посетила седиштето на УНЕСКО во Париз и два дена имале разговори со носителите на одлуки.
„Моето чувство е, иако на писмено чекаме да се изјаснат, дека ова е навистина проблематичен проект за нив. Јас се обидов да го објаснам и политичкиот и економскиот контекст. Но, не сум неискусен да го забележам отпорот. Во исто време, ова е единствениот проект за кој се согласија и единствената забелешка од многубројните што ги има за Охридскиот Регион, за кое се согласија да дадат на писмено мислење“,
рече Николоски.
Николоски вели дека не би одел спротивно на препораките на УНЕСКО затоа што, како што рече, смета дека не можете во сè да се гледа математика.
„Некои работи се прават и за престиж, некои работи се прават и за имиџ на државата и не би го ризикувал статусот на целиот Охридски Регион. Имам малку забуна во јавноста, не е само градот Охрид заштитен, туку е целото Охридско Езеро на двете страни од езерото – и на македонска и на албанска. Не би го ризикувал статусот заради кој било проект“,
додаде тој.
