ДУИ потсетува на пакетот предлози презентиран пред една недела, кој има за цел да ублажи нов ценовен шок. Оттаму ја повикуваат Владата сериозно да ги разгледа тие предлози, за кои велат дека ќе ја имаат нивната поддршка доколку се процесуираат и усвојат во Собранието
Демократската унија за интеграција (ДУИ) вели дека по новиот бран поскапувања на нафтените деривати, Владата не прави ништо за да го заштити животниот стандард на граѓаните, кои, како што додаваат од партијата, се оставени на милост и немилост на случувањата.
Реакцијата на ДУИ следува откако Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) вчера донесе одлука за ново поскапување на горивата кое важи од денеска.

Партијата предупредува дека во време кога се очекува значително зголемување на цените на основните производи, на трошоците за транспорт и воопшто поскапување на животот на граѓаните, во државата нема функционално Министерство за економија кое се занимава со економската криза.
„Владата треба веднаш да го разреши министерот за економија, кој очигледно нема ниту визија, ниту план за справување со економските кризи“,
велат од ДУИ.
ДУИ потсетува на пакетот предлози презентиран пред неколку дена, кој има за цел да ублажи нов ценовен шок. Оттаму ја повикуваат Владата сериозно да ги разгледа тие предлози, за кои велат дека ќе ја имаат нивната поддршка доколку се процесуираат и усвојат во Собранието.
„Она што го предупредуваше ДУИ веќе се случува. Владин дебакл со 30 отсто зголемување на цената на нафтата. Оваа влада нема соодветен капацитет да управува со кризи што се случуваат дури и на илјадници километри од земјата“,
се вели во партиското соопштение.
Од ДУИ предупредуваат и дека доколку итно не се имплементираат предложените мерки, цените можат да се зголемат и за повеќе од 10 отсто, што сериозно ќе ги оптовари буџетите на граѓаните во земјава.
Пред една недела ДУИ ѝ предложија на власта мерки за спречување злоупотреби и намалување на цените во услови на криза, особено поради претстојните празници Бајрам и Велигден.
Дел од мерките се да се воведат максимални цени на основните прехранбени производи или да се ограничат трговските маржи и да се намали ДДВ за основните производи за период од три месеци.
До Регулаторната комисија за енергетика, пак, апелираат најмалку двапати неделно да има разгледување на цените на нафтените деривати имајќи ги предвид промените на меѓународните берзи.
Оттаму бараат и зголемување на минималната плата од март за најмалку 3 500 денари, наместо предвидените 1 600 денари.
