„Наместо да го унапредат ‘балансерот’ со закон, тие го погребаа со нацрт што носи албански потпис. Ова е политичка и национална предавство. Денес застапеноста на Албанците паѓа со алармантна брзина, институциите се претвораат во етнички затворени структури, а ниту еден владин функционер не презема одговорност. Ако ова продолжи, многу брзо јавната администрација ќе остане без Албанци, а Охридскиот договор ќе постои само на хартија, но не и во пракса“, изјави денеска потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми
Опозициската Демократската унија за интеграција вели дека по точно една година откако Уставниот суд го укина „балансерот“, алатката за вработување според национална припадност во државните институции, ситуацијата со застапеноста на Албанците во институциите се повеќе се влошува. Од партијата бараат повлекување на предлог-законот за правична застапеност, кој го подготви актуелната Влада, и враќање на „балансерот“ кој според интегративците е во духот на Охридскиот рамковен договор и на Уставот на државата.

Ставот на интегративците по ова прашање, за кое често реагираат од партијата, денеска на прес-конференција го пренесе нејзиниот потпретседател, Арбер Адеми, кој рече дека одлуката на Уставниот суд да го укине единствениот механизам кој, како што рече, гарантирал следење на правичната и соодветна застапеност на етничките заедници во државните институции, била политичка и спротивна на Уставот.
„Една година подоцна, последиците се јасни, болни и алармантни. Оваа одлука не беше техничка, ниту административна. Беше политичка и противуставна, затоа што имаше за цел да го избрише етничкото изјаснување и да ги демонтира колективните права загарантирани со Охридскиот мировен договор и санкционирани со амандман VI на Уставот“,
рече Адеми.
Според потпретседателот на ДУИ, укинувањето на „балансерот“ всушност бил институционален напад врз еднаквоста и отворено враќање пред 2001 година, кога Албанците партиципирале со помалку од 0,2 проценти во државната администрација.
Пред укинувањето на „балансерот“, како што посочи тој, Албанците биле застапени со околу 22 отсто во администрацијата, процент, кој, додаде, постепено се зголемувал од година во година.
По укинувањето на алатката, изјави Адеми повикувајќи се на јавни податоци, при новите вработувања во повеќето државни институции процентот на Албанци не надминува ниту пет проценти, а и тие што се вработуваат се, како што кажа, членови на „тесното семејство“.
„Тоа значи дека процесот не оди напред, туку назад, и во краток период реалната застапеност ќе падне под 20%. Ова е тивко институционално чистење, што се случува со молкот на Владата и со поддршката на оние кои требаше да ја бранат еднаквоста, а не да ја погребаат. Премиерот зборува за над 12 000 нововработени, но меѓу нив Албанците се помалку од 500. Тоа е вистинската слика на администрација што повторно се претвора во едноетнички монопол – влада што ја напушти охридската идеја и уставната правичност“,
рече потпретседателот на ДУИ.
Ова, како што посочи тој, веќе не е само политичко прашање, туку и уставно, национално и егзистенцијално прашање за Албанците и за сите заедници во Северна Македонија.
Според потпретседателот на ДУИ, станува збор за намерен обид „за институционална асимилација и елиминација на Албанците и другите немнозински заедници“ од носењето одлуки на државно ниво.
Говорејќи во таа насока, Адеми го критикуваше предлог-законот за правична и соодветна застапеност, кој треба да го замени „балансерот“, а кој, како што кажа, само ја бетонира дискриминацијата.
„Наместо да ја исправи оваа неправда, Владата – преку новиот нацрт-закон за правична и соодветна застапеност, изработен од ВМРО-ДПМНЕ и (Тања) Каракамишева, а срамно поддржан од ВРЕДИ – го бетонира дискриминирањето. Сето ова се случува додека укинувањето на ‘балансерот’ беше едно од главните изборни ветувања на ВМРО-ДПМНЕ – ветување што ВРЕДИ, како политички вазал, помогна да се реализира против интересите на Албанците. Ова не е само штетна соработка, ова е директно вклучување во антиалбански проект кој има цел да ги избрише сите придобивки од Охридскиот договор“,
рече Адеми.
Тој во четири точки наведе зошто Демократската унија за интеграција смета дека овој предлог-закон е, како што кажа, уставна и морална катастрофа.
• Не предвидува етнички квоти, ниту проценти и ниту пропорционалност во новите вработувања;
• Не ги обврзува институциите да ја евидентираат етничката припадност на вработените;
• Не содржи никакви санкции за прекршителите – што значи дека дури и при непочитување на принципот на правична застапеност, не постои заштитен механизам;
• И, најважно, е во целосна спротивност со основните начела на Уставот.
„Наместо да го унапредат ‘балансерот’ со закон, тие го погребаа со нацрт што носи албански потпис. Ова е политичка и национална предавство. Денес застапеноста на Албанците паѓа со алармантна брзина, институциите се претвораат во етнички затворени структури, а ниту еден владин функционер не презема одговорност. Ако ова продолжи, многу брзо јавната администрација ќе остане без Албанци, а Охридскиот договор ќе постои само на хартија, не и во пракса“,
рече Адеми.

Потпретседателот на ДУИ на крајот порача дека бараат овој предлог-закон веднаш да се повлече и Владата да го врати механизмот на „балансерот“, кој според партијата е во согласност до Охридскиот рамковен договор и со Уставот на државата.
„Секој ден без овој механизам е уште еден чекор кон неправда, нееднаквост и институционална асимилација. Ние тоа нема да го дозволиме“,
подвлече Адеми.
Уставниот суд го укина т.н. „балансер“ на 9 октомври минатата година. Одлуката да поведе постапка за алатката Уставниот суд ја донесе на 18 септември, по седницата на која судиите расправаа дали со наведувањето на припадноста на заедницата, што е потребно за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, односно дали со „балансерот“ се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.
Предметот во Уставен беше оформен по иницијатива поднесена од претходниот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) бидејќи оттаму сметаа дека преку алатката се прават злоупотреби при вработувањата.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски на прес-конференцијата по одлуката за укинување на т.н. „балансер“ како лага и манипулација ги оцени тврдењата дека со тоа Уставен укинува права на заедниците во државата.