„Бараме итно повлекување на оваа дискриминаторска одлука (на тендерот н.з.), заменување на полициските униформи со двојазични натписи, согласно законот, и јавно извинување од албанските партии на власт кои го одобрија овој срам“, се вели во реакцијата од ДУИ
Демократската унија за интеграција (ДУИ) бара повлекување на тендерот за набавка на нови униформи за полициските службеници, што го објави Министерството за внатрешни работи, бидејќи според опозициската партија со него се предвидува натписите и симболите на униформите да бидат само на македонски јазик.

Според интегративците, станува за скандалозна одлука, која, како што наведуваат, претставува флагрантно кршење на принципите на Охридскиот рамковен договор и на Законот за употреба на јазиците, која гарантира еднаквост и двојазичност во државните институции, особено на полициските униформи.
„Еднојазичните униформи не се само облека. Тие се симбол на идентитетот на државата, на еднаквоста и на почитта. Кога законот бара двојазичност, а Владата наметнува еднојазичност, тоа е доказ за изгубениот политички суверенитет на албанските партии кои денес се огледало на интересите на ВМРО“,
се вели во реакцијата на ДУИ.
Оттаму велат дека не станува збор за изолиран случај, туку континуитет на дискриминаторската политика на ВМРО-ДПМНЕ, која, како што наведуваат, ја иницирало постапката во Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците.
Она што ја прави оваа одлука уште поскандалозна, велат од Мала Речица, е сервилното молчење на албанските партии на власт, кои, според ДУИ, прифатиле да бидат вазали на антиалбанските политики, газејќи ги достоинството и правата на Албанците за ниски политички интереси.
Од ДУИ порачуваат дека Албанците во земјава нема да прифатат, како што велат, вакви понижувања, бидејќи, според нив законот е јасен.
„Во општините каде Албанците се најмалку 20%, секоја државна институција е обврзана да ги користи службените јазици, вклучувајќи ги униформите и јавната комуникација. Бараме итно повлекување на оваа дискриминаторска одлука, заменување на полициските униформи со двојазични натписи, согласно законот, и јавно извинување од албанските партии на власт кои го одобрија овој срам. Еднаквоста не е луксуз, таа е законска, морална и национална обврска. ДУИ не прифаќа компромис со достоинството. Албанците жртвуваа за еднаквост, а оваа срамна одлука ќе биде поништена“,
порачуваат од Демократската унија за интеграција.
Инаку, според тендерот, објавен во петокот, Министерството за внатрешни работи ќе набавува виндјакни, теренски униформи, чевли и чизми за полициските службеници. Како што соопштија вчера од Министерството, со тоа македонската полиција ќе се ребрендира бидејќи старите, непрактични и нефункционални униформи ќе бидат заменети со модерни и квалитетни, по терк на европските полиции.
Огласот ќе трае еден месец, а јавното отворање на понудите ќе се одржи на 20 октомври во 10 часот во зградата број пет во Министерството за внатрешни работи.

Дека МВР планира да набавува нови униформи за полициските службеници, ресорниот министер Панче Тошковски најави на почетокот на јуни годинава.
Тој на 10 јуни изјави дека новата јавна набавка, за разлика од онаа за специјалците, која опфаќа околу 1 000 униформи, ќе се однесува на набавка на пет до шест илјади униформи за сите униформирани полициски службеници.