„Додека на светските берзи цените на дериватите бележат драстичен пад од околу 10 отсто, во нашата држава граѓаните ќе продолжат да плаќаат повисоки цени цела недела бидејќи РКЕ применува застарен модел, базиран на просек од претходната недела“, велат од ДУИ
Опозициската ДУИ бара итна измена на правилникот за утврдување на цените на горивата, тврдејќи дека Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) применува застарен модел, базиран на просек од претходната недела. Ваквата пракса, според ДУИ, е во директна корист на одредени бизнис-интереси, а на штета на граѓаните.

Интегративците бараат да се воведе и пресметка на цените на горивата најмалку двапати неделно.
„Додека на светските берзи цените на нафтените деривати бележат драстичен пад од околу 10 отсто, во нашата држава граѓаните ќе продолжат да плаќаат повисоки цени цела недела бидејќи РКЕ применува застарен модел, базиран на просек од претходната недела, наместо да реагира навремено. Фактите се алармантни – неделната потрошувачка е околу 12 милиони литри дизел, разлика во цена е околу 9 денари по литар, а вкупниот дополнителен трошок над 1,5 милиони евра за само една недела“,
велат од ДУИ.
Логично е прашањето, додаваат оттаму, во чиј интерес работи владата – на граѓаните или на неколку привилегирани компании?
