Според ДУИ, дисциплинската постапка била спроведена надвор од законски предвидените рокови, што ја прави одлуката правно невалидна

Демократската унија за интеграција (ДУИ) ја критикува последната одлука на министерот Иван Стоилковиќ за престанок на работниот однос на петмина вработени Албанци во Министерството за односи меѓу заедниците. Според партијата, овој потег отвора сериозни прашања за владеењето на правото во државата.
Од ДУИ тврдат дека одлуката е донесена преку „спорен процес“ и во процедурна и во материјална смисла.
Според ДУИ, дисциплинската постапка била спроведена надвор од законски предвидените рокови, што ја прави одлуката правно невалидна.
Тврдат оти не е утврдена индивидуална одговорност и оти постојат индиции за „накнадно конструирање аргументи“ за веќе донесената одлука.
Мерката отпуштање од работа, додаваат од партијата, е несразмерна во однос на наводите и овие се индикатори на еден опасен модел на одлучување.
„Кога еден министер носи одлуки без почитување на законските рокови и без цврсти докази, тогаш станува збор за арбитрарност која создава несигурност кај сите вработени“,
велат од ДУИ.
Од партијата нагласуваат дека фактот што сите петмина отпуштени се Албанци ја прави состојбата уште почувствителна, особено што станува збор за министерство чија мисија се односите меѓу заедниците, секоја ваква постапка мора да биде над секое сомневање за пристрасност.
Демократската унија за интеграција бара целосно објавување на сите постапки и одлуки што довеле до овие отпуштања, институционална истрага за почитувањето на законските процедури во овој случај и итно преиспитување на одлуките, во согласност со законот и стандардите на јавната администрација.
„Институциите не можат да функционираат врз селективни и правно неосновани одлуки. Секое отстапување од процедурите создава несигурност кај вработените и ја нарушува довербата на граѓаните. Овој случај треба да се третира како тест за сериозноста на институциите и за нивната посветеност кон принципите на еднаквост и законитост“,
додаваат од ДУИ.
