Дополнително, како што информира министерката, МОН работи на уште шест нови закони кои, како што кажа, треба брзо да се донесат
Законот со кој ќе се официјализира дуалното образование во системот на средното образование ќе се носи во пакет со уште пет закони, изјави денеска министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

Законот за средно стручно образование е дел од овој пакет закони затоа што станува збор за решенија кои се меѓусебно поврзани, појасни министерката, додавајќи оти очекува овој процес да заврши во октомври.
„Ние во овој момент подготвуваме пакет од шест закони кои се меѓусебно поврзани. Тоа е закон за основно, закон за средно, закон за средно стручно образование, закон за образование на возрасни и национална рамка на квалификации и го додаваме законот за учебници за да можеме и тој проблем со има/нема учебници, печатиме, докупуваме да биде решен и да почнеме на мира следната година“,
изјави Јаневска, одговарајќи на новинарски прашања по денешната посета на Основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во Општина Аеродром.
Министерката, дополнително, информира дека во Министерството за образование и наука (МОН) работат на уште шест нови закони кои, како што кажа, треба брзо да се донесат. Според Јаневска, меѓу нив се законот за наставници, за педагошка служба, за државен испитен центар, а веќе е почнато со работа и на законот за високо образование, чија подготовка, дополни министерката, ќе потрае.
Како и да нас во МОН не чека и долга зима, но ние продолжуваме со исто темпо“,
изјави ресорната министерка.

Што се однесува до дуалното образование, тоа досега функционираше на добра волја на училиштата и со новиот закон ќе стане дел од системот на средно образвиние во државата. Говорејќи на темата минатата недела, исто така, во одговор на ноивинарски прашања, Јаневска рече дека со овој концепт идните генерации на ученици преку квалитетно образование ќе се подготват да излезат на пазарот на труд.
Таа посочи дека со овој концепт, кој предвидува практична работа во компаниите, успеале да привлечат многу ученици и да го сменат мислењето дека средното стручно образование нема иднина или дека можеби е помалку вредно од гимназиското.