Вонредниот инспекциски надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат покажал дека постојат пропусти во делот на прегледите кои биле побарани за родилката, од ГАК, пак, го тврдат спротивното – пациентката била посетена од стручно лице за ментално здравје
Дежурните лекари на гинекологија кои биле на смена кога родилката во неделата се обиде да си го одземе животот не инсистирале на преглед од страна на психијатар, иако родилката имала знаци на вознемиреност. Од ДСЗИ за „Сител“ велат дека пропуст е пронајден само кај клиниката за Гинекологија и акушерство, но не и на психијатрија, бидејќи на смена имало дежурен специјалист, а не било заведено барање за конзилијарен преглед за пациентката.
„Од извршениот надзор во ЈЗУ УК ГАК констатиран е пропуст во делот на реализирање на конзилијарните прегледи побарани во два наврати за родилката, со оглед на тоа што истите не се реализирани. Во врска со наведеното, ДСЗИ со решение ќе наложи на одговорните лица на ЈЗУ УК ГАК спроведување на постапка за утврдување на одговорност од страна на здравствените работници кои до крај не ја спровеле постапката за обезбедување на доктор, специјалист по психијатрија“,
изјави директорката на ДСЗИ, Рената Младеновска, за Сител.
Од друга страна, пак, од Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство соопштија дека кај пациентката биле присутни знаци на лесна вознемиреност и ги негираат наводите на ДСЗИ дека таа не добила медицинска нега од страна на соодветно лице. Од ГАК велат дека според сите протоколи, таа веднаш е видена од стручно лице за ментално здравје – психолог магистер по клиничка и советодавна психологија, кое е стручно лице вработено на ЈЗУ УK ГАК-Скопје за проценка на вакви состојби.
„По извршениот разговор со стручното лице не е нотирано дека пациентката пројавила симптоми кои укажуваат дека постои закана од суицид. Поради веќе утврдените симптоми на лесна вознемиреност, истиот ден е креиран упат за проценка на натамошната состојба и за евентуалната потреба од дополнителна терапија од страна на психијатар пред испис“,
се вели во соопштението од ГАК.
Проценката од стручното лице била дека станува збор само за знаци на лесна вознемиреност, која е честа состојба кај родилките и не е индикација за ургентно да се повика психијатар. Од дежурните служби во текот на викендот кога таа престојува на ЈЗУ УК ГАК-Скопје (1.7. и 2.7.) не е рапортирано влошување на нејзината состојба, односно немала знаци за сериозно нарушување на менталната состојба.