Оттаму велат дека ќе поднесат иницијатива до министерот за здравство за формирање комисија за стручен надзор бидејќи, како што наведуваат, ДСЗИ нема надлежности во стручниот дел на работата на здравствените работници
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) не констатира недостатоци од своја надлежност при инспекцискиот надзор во врска со починатото тригодишно дете од Кавадарци. Оттаму велат дека ќе поднесат иницијатива до министерот за здравство за формирање комисија за стручен надзор бидејќи, како што наведуваат, ДСЗИ нема надлежности во стручниот дел на работата на здравствените работници.

Од Инспекторатот појаснија дека по објавената информација за починатото дете, извршени се вонредни инспекциски надзори во три здравствени установи, со цел да се утврди лекувањето на детето – во ординацијата по општа медицина Целзус Нова во Кавадарци, во Општата болница со проширена дејност Кавадарци и во Универзитетската клиника за детски болести Скопје.
„При вонредните инспекциски надзори, од увидот во здравствената евиденција и медицинска документација за детето, како и изјави на здравствените работници кои учествувале во лекувањето, констатирана е фактичка состојба. Се работи за тригодишно дете од Кавадарци, родено во јануари 2021 година. Детето било со неколку коморбидитети, поради што во повеќе наврати било лекувано во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кавадарци и ЈЗУ УК за детски болести Скопје. На 3 јуни во пет часот, детето било донесено во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кавадарци од страна на неговите родители, прегледано од дежурен доктор, специјалист по детски болести, кој врз основа на прегледот и испитаните параметри, проценил дека нема потреба од хоспитализација. На инсистирање на родителите, бил издаден упат за ЈЗУ УК за детски болести Скопје, каде детето било однесено со сопствен превоз“,
наведуваат од ДСЗИ.
Според изјавата на присутните здравствени работници во Клиниката за детски болести, како што наведува ДСЗИ, детето било донесено рано утрината околу осум часот директно на Одделот за кардиологија, без знаци на живот. Веднаш било однесено во Одделот за интензивна нега и реанимација, но не покажувало знаци за живот.