На новинарско прашање дали во текот на инспекциските надзори имале комуникација со организациската директорка и дали користеле преведувач, директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Рената Младеновска одговори потврдно и рече дека таа не го зборува македонскиот јазик, односно користи преведувач
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) извршил контролен инспекциски надзор на Клиниката за токсикологија по издадено решение за опомена со наложени инспекциски мерки, од кој е констатирано дека здравствените работници и соработници на кои договорите им истекле и понатаму се евидентираат на Клиниката за токсикологија.
Ова денеска на прес-конференција го соопшти Рената Младеновска, директорката на ДСЗИ, во врска со случувањата на Клиниката за токсикологија кои изминатиот период беа во фокусот на јавноста откако пред десетина дена лекарите од оваа клиника реагираа дека организациската директорка инсистира да бидат вработени 18 лица на кои договорите им се истечени уште на крајот на минатата година, но тие сè уште доаѓаат на работа во оваа установа, а дел од нив имаат и увид и контакт со лабораториските анализи на пациентите.

Како што рече директорката, од Токсикологија биле должни во рок од три дена да испратат писмено известување дали е постапено по истото решение, но ДСЗИ не добило такво писмено известување.
„Со оглед на тоа дека за време на самиот надзор присуствувале двајцата директори, односно и медицинскиот и организацискиот директор, а беше доставена и документација на листи од електронска евиденција на работно време и контрола на пристап во просториите. По увидот на документацијата, ДСЗИ констатираше дека не се постапува, односно дека здравствените работници и соработници на кои договорите им истекле на 31.12.2023 година, истите се евидентираат и понатаму на Клиниката за токсикологија. Што значи дека не е постапено по точка 1 и 2 од решението за опомена на оваа установа“,
вели Младеновска.
Не е постапено ниту по точка 3 од решението на ДСЗИ, како што вели таа, за да им се одземат токените за идентификација и електронско евидентирање на работното време на оние здравствени работници кои немаат договор за вработување.
Решението, вели директорката на ДСЗИ, е потпишано само од страна на медицинскиот директор.
„Единствено е постапено е по точка 4 од решението на ДСЗИ, како што вели Младеновска, односно медицинскиот директор на Клиниката побарал од претседателот на Управниот одговор да свика состанок, а веќе денеска е закажана седница, на која треба да се одлучи дека да се постапува по сите акти кои имаат заедничка надлежност од двајцата директори“,
рече таа.
Според Младеновска, ДСЗИ ќе издаде решение да се забрани пристап на здравствените работници и соработници кои немаат никаков договор за вработување согласно Законот за здравствена заштита и Законот за инспекциски надзор.
„Првото решение беше решениe за опомена, ова сега ќе бидe решение за забрана. Доколку и забраната не се почитува, ќе следуваат парични казни, кои ќе се однесуваат на медицинскиот и организацискиот директор, како и на установата“,
рече таа.
На новинарско прашање дали во текот на инспекциските надзори имале комуникација со организациската директорка и дали користеле преведувач, Младеновска одговори потврдно.
„Да, и во двата случаи на инспекциски надзор користевме преведувач. Организацискиот директор не го зборува македонскиот јазик, користи преведувач“,
вели директорката на ДСЗИ.
За тоа како е можно на работа на Клиниката за токсикологија да се појавуваат лица кои немаат договор за работа, Младеновска рече дека одговорот на ова прашање треба да го даде менаџментот на Клиниката, но како што додаде, и Министерството за здравство.
Инаку, пред десетина дена лекарите од Клиниката за токсикологија соопштија дека од почетокот на назначувањето на организациската директорка Бесија Иљази за помалку од два месеци долгот на клиниката се зголемил за приближно два милиони денари.
Во писмото испратено од вработените на оваа клиника се вели дека организациската директорка не ги исполнува условите за функцијата, кои, како што додаваат, се пропишани со законот за директори.
Во нивната реакција пишува и дека таа на работа доаѓала во 10 часот, а си одела во 14 и 30 часот, односно, како што велат, на работа присуствувала по четири и пол часа.
Еден ден потоа, министерот за здравство Илир Демири најави дека ќе го разреши медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија, а за организациската директорка Бесија Иљази, Демири рече дека нема констатирано ниту едно прекршување.
„Три недели ја испитував ситуацијата и на жалост констатацијата е вистина. Јас сум длабоко уверен дека луѓето што користат вакви испади и навреди на национална основа не го мислат тоа. Медицинскиот директор и одредени лекари денеска и на Фејсбук имаат објавено навреди, не сакам да бидам нивни портпарол. Тврдам дека не може доктор да мисли така и да се служи со таков речник. Јас ќе преземам сериозни мерки. Медицинскиот директор денеска ќе го разрешам иако сме влезени во изборите“,
рече тогаш Демири.