Демократскиот сојуз (ДС) предводен од пратеникот Павле Трајанов, разговара со поединци за можни кандидати за градоначалници во десетина општини и подготвува советнички листи за 54-60 општини, но дали дефинитивно ќе оди со нив самостојно или ќе настапи во коалиција со други зависи од тоа каков став ќе заземе партијата во наредните 10-15 дена.
Доколку оди во коалиција, според изјавата на Трајанов, тоа би било со оние партии со кои имаат исти стратешки цели односно со досегашните коалициски партнери.
Дилемите на ДС за тоа како да се настапи на претстојните локални избори во октомври, како што објасни претседателот на партијата, произлегуваат од тоа во која насока ќе се движат измените на изборниот законик.
Предлог-измените кои се прават се во однос на најавените отворени листи.
„Тука е главната дилема, дали да се оди во коалиција или да се настапи самостојно со советнички листи затоа што вака како што се предлага, може да настапи конфузија и да биде на штета на помалите политички партии бидејќи, меѓудругото, се става да има изборен цензус – кандидатите за советници треба да се пласираат ако освојат најмалку 3 отсто од запишаните гласачи. Мислам дека тоа е неприфатливо. Понатаму има нејаснотија околу тоа кога е важечко ливчето. Еднаш пишува дека треба да се гласа за листата и за еден од кандидатите, а понатаму стои дека ако се заокружат не еден туку повеќе кандидати и тоа ливче ќе важи. Мислам дека има некои предлози кои може да направат конфузија и да имаме голем број на неважечки ливчиња“,
рече Трајанов.
Тој вели дека има нејаснотии и околу тоа дали партиите ќе имаат бесплатен простор за реклама или не, како и за тоа што ќе се случи ако некој советник се повлече односно кој ќе биде следниот.
„Има многу дилеми околу ова прашање и затоа ние сме воздржани околу можниот заеднички настап со други политички партии. Ќе видиме како ќе се развиваат процесите“,
рече Трајанов.
Тој денеска ја претстави партиската платформа за претстојните локални избори, според која се предвидува во рок од шест месеци да се донесат генерални и детални урбанистички планови на цела територија и со истите да се предвидат повеќе локации за градба согласно потребните на граѓаните, но и урбанистичките, еколошки и безбедносните стандарди. Платформата предвидува и обезбедување чиста вода за пиење, решавање на комуналните и инфраструктурните проблеми, борба со нелегалното складирање опасен отпад и против загадениот воздух, контрола на јавните набавки на општините преку надворешно граѓанско тело составено од претставници на невладиниот сектор, медиумите и професионалци од различни области итн.