Нацрт-законот, како што пишува „Катимерини“, им овозможува на работодавците да го продолжат работното време, им дава поголема флексибилност при краткорочните вработувања и ги менува правилата за годишен одмор во приватниот сектор

Државните службеници во Грција денеска излегуваат на 24-часовен штрајк поради новиот нацрт-закон за труд кој предвидува воведување 13-часовен работен ден и други измени, објави електронското издание на весникот „Катимерини“.
Штрајкот е на повик на Синдикалната федерација на државните службеници (АДЕДИ) и е втор што се организира овој месец.
На штрајкот на државните службеници им се приклучуваат и вработените во градскиот транспорт во Атина, кои информираа дека ќе се приклучат на почетокот и на крајот на работниот ден. Поради тоа, денеска метрото и трамвајот во грчката престолнина ќе сообраќаат од 9 до 17 часот, а автобусите и тролејбусите од 9 до 21 часот.
И железничките работници се приклучија на штрајкот, поради што денеска нема да сообраќаат возови низ целата земја, пренесува „Катимерини“.
Се очекува работниците напладне да имаат протестен марш на централниот плоштад „Синтагма“.
Нацрт-законот, како што пишува „Катимерини“, им овозможува на работодавците да го продолжат работното време, им дава поголема флексибилност при краткорочните вработувања и ги менува правилата за годишен одмор во приватниот сектор.
Владата вели дека законот ќе создаде поефикасен и пофлексибилен пазар на трудот и дека законот ги штити работниците од отпуштање ако одбијат да работат прекувремено.
Но, синдикатите велат дека тоа ги повредува правата на работниците, го укинува осумчасовниот работен ден и им ја одзема преговарачката моќ во земја каде што просечните плати сè уште се ниски во споредба со другите земји од ЕУ.
На 1 октомври веќе беше одржан 24-часовен национален штрајк против новото трудово законодавство, организиран од најголемите синдикати во јавниот и приватниот сектор – АДЕДИ и ГСЕЕ – на кој учествуваа и морнарите, транспортните и железничките работници. Во Атина тогаш се одржаа масовни демонстрации со барање за повлекување на пакетот мерки што го менуваат работното време.