Нашата земја стои меѓу најподготвените во регионот во однос на покриеноста и сигурноста на снабдувањето
Во случај да се појави евентуален проблем со увозот од какви било причини, како затворање граници, прекини, штрајкови или блокади, според МЕРМС, државата има обезбедено и дополнителен сигурносен механизам преку продуктоводот Солун – Скопје, кој преку поврзувањето со Солун обезбедува алтернативен и непречен доток на сите видови нафта и нафтени деривати, што значително ја зголемува стабилноста на системот и ја намалува зависноста од други транспортни правци
Државните нафтени резерви се стабилни и е обезбеден сигурен проток и увоз на деривати од повеќе различни извори и земји, информираат денеска од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) во врска со актуелните случувања на Блискиот Исток што можат да предизвикаат нарушувања во снабдувањето со нафтени деривати на светско ниво.

Оттаму велат дека Агенцијата за задолжителни резерви (МАКОРА) постојано ги следи и одржува државните резерви на нафта и нафтени деривати, обезбедувајќи сигурност во снабдувањето, стабилност на пазарот и подготвеност за навремена реакција во случај на какво било нарушување на увозот или снабдувањето.
Со посебно внимание се следи состојбата со актуелната енергетска ситуација, во контекст на нафтените пазари и потенцијалните геополитички ризици.
„Република Северна Македонија како држава има обезбедено сигурен проток и увоз на деривати од повеќе различни извори и земји. Со оваа диверзификација на снабдувачите, комбинирано со стратешките државни резерви и функционирачкиот продуктовод Солун – Скопје, се обезбедува непречено и стабилно функционирање на пазарот на нафтени деривати. На овој начин се гарантира дека граѓаните и стопанството нема да почувствуваат недостиг, а државата останува целосно подготвена да реагира навремено доколку се појави какво било нарушување на снабдувањето“,
велат од Министерството за енергетика.
Според расположливите информации, како што велат од ресорното министерство, нашата земја стои меѓу најподготвените во регионот во однос на покриеноста и сигурноста на снабдувањето.
Државата располага со резерви од сите видови нафтени деривати, како еуродизел со 138 877 053 литри, еуросупер БС-95 со 32 098 680 литри, екстралесно масло за домаќинство (ЕЛ-1) – 10 772 342 литри и мазут со 5 287 794 килограми.
Покрај стратешките резерви, како што велат од ова министерство, редовната набавка на нафтени деривати се одвива повеќепати во текот на годината, а резервите се дополнуваат континуирани и соодветно, согласно динамиката на потрошувачката и законските обврски, со што се обезбедува стабилност, предвидливост и сигурност во снабдувањето на граѓаните и економијата.
„Нафтените резерви се безбедно складирани кај овластени трговски друштва – складиштари и тоа во ОКТА – Рафинерија на нафта, ‘Макпетрол’ АД Скопје, ‘Лукоил Македонија’ ДООЕЛ и ‘Супер трејд’ ДООЕЛ. Овие капацитети се редовно мониторирани и контролирани од страна на надлежните државни органи, со цел да се обезбеди целосна безбедност, техничка исправност на складиштата и навремена достапност на резервите доколку се појави потреба“,
се вели во соопштението од Министерството за енергетика.
Во случај да се појави евентуален проблем со увозот од какви било причини, како затворање граници, прекини, штрајкови или блокади, според МЕРМС, државата има обезбедено и дополнителен сигурносен механизам преку продуктоводот Солун – Скопје, кој преку поврзувањето со Солун обезбедува алтернативен и непречен доток на сите видови на нафта и нафтени деривати, што значително ја зголемува стабилноста на системот и ја намалува зависноста од други транспортни правци.
Според Енергетика, државните нафтени резерви се чуваат како безбедносен механизам и не се користат во редовни пазарни услови,туку исклучиво со одлука на Владата, во случај на прогласување енергетска криза или сериозно нарушување на снабдувањето.
„Увозот на нафтени деривати во моментов е целосно либерализиран и се одвива непречено, без ограничувања или застои. Ја следиме состојбата и ако се појави проблем што би можел да го загрози снабдувањето, Владата ќе реагира навремено, во интерес на граѓаните и на стопанството“,
додаваат од министерството.
Според вчерашните информации, цената на нафтата на светските пазари порасна за повеќе од осум отсто поради стравувањата на трговците дека нападите меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Иран би можеле да излезат од контрола, што ќе доведе до големи прекини во снабдувањето.
Меѓународниот превоз е речиси запрен на влезот во Ормутскиот теснец, најважната сообраќајна точка во светот за глобалната трговија со нафта, а стравот од нарушувања веќе ги зголемува глобалните цени на нафтата.
