Најскапи пакетчиња, како и претходната година, и оваа купила Општина Новаци, по 1 377 денари за едно пакетче, а вкупно најмногу пари за пакетчиња, односно околу 10 000 евра, потрошил Град Скопје
За купување новогодишни пакетчиња државните институции потрошиле вкупно 72 571 евра, но се очекува оваа вредност да биде уште поголема имајќи предвид дека некои институции сè уште ги немаат објавено договорите и вредноста на потрошените пари за оваа намена, соопшти денеска Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) од каде што ги објавија резултатите од истражувањето и базата на податоци за набавките на новогодишни пакетчиња што ги имале државните институции и општините.
„Тендери за купување пакетчиња за новата 2022 година имале 20 институции, додека други 37 институции купиле пакетчиња без примена на Законот за јавните набавки, бидејќи вредноста на набавките била помала од илјада евра – колку што изнесува вредносниот праг под кој не важи Законот за јавните набавки“,
се наведува во соопштението.

Според ЦГК, најмногу пакетчиња или 3 274 купила Општина Кавадарци, иако со пониска поединечна цена. Следна е Општина Прилеп која купила 3 030 пакетчиња.
„Најскапи пакетчиња, како и претходната година, и сега купила Општина Новаци, по 1 377 денари за едно пакетче. Вкупно најмногу пари за пакетчиња, односно околу 10 000 евра, потрошил Град Скопје“,
истакнуваат од Центарот за граѓански комуникации.
Некои институции купиле по неколку видови пакетчиња, поевтини и поскапи. Меѓу институциите што купиле најскапи пакетчиња, покрај Општина Новаци, спаѓаат и Општина Битола која набавувала пакетчиња по цена од 1 050 денари, Град Скопје набавувал пакетчиња по цена од 973 денари, М-НАВ по 853 денари и Министерството за одбрана по цена од 840 денари.
Просечната цена што институциите ја платиле за едно новогодишно пакетче изнесува 566 денари.

„На дури 68 отсто или две третини од тендерите за набавка на новогодишни пакетчиња била добиена само по една понуда. Меѓу фирмите од кои се набавувани новогодишните пакетчиња убедливо води ‘Колид’ од Колешино од каде што се купени една четвртина од пакетчињата“,
посочуваат од Центарот за граѓански комуникации.