Министерот за полиција ја повика јавноста да спречи ширење на лажни вести
Слушајте ги вестите од надлежните, сето останато можете да го занемарите. Опасноста од коронавирусот е поголема од опасноста од потресот. Паниката не ни е сојузник.

Вака претседателот и премиерот на Хрватска Зоран Милановиќ и премиерот Андреј Пленковиќ им се обратија на граѓаните, на вонредната прес конфереција по состанокот на државниот врв, откако Загреб утрово беше погоден од неколку последователни земјотреси, од кои најсилниот од 5,5 степени според Рихтер, што се смета за најсилен земјотрес во хрватскиот главен град во изминатите 140 години.

Има голем број оштетувања на згради и затоа ги повикуваме граѓаните на внимателност, и иако времето е ладно нека останат уште малку надвор, рече Пленковиќ, кој истакна дека земјата во моментов се соочува со две контрадикторни ситуации.
„Имаме две кризни ситуации кои се контрадикторни. Пораката беше да останете дома, а тогаш се случи земјотресот“,
рече Пленковиќ, додавајќи дека сепак опасноста од коронавирусот е поголема од опасноста од земјотресот.
Ги повика граѓаните да не прават паника, да не создаваат редови на бензинските пумпи и да се одржува дистанца според препораките за заштита од коронавирусот.
Државниот врв вети дека ќе се работи за што побрзо расчистување на улиците, како и сите пациенти да бидат навремено и соодветно згрижени.
Ова посебно се однесува на Клиниката за гинекологија и акушерство чиј објект се смета дека не е безбеден поради што е решено новороденчињата да бидат сместени во шатор во кругот на Клиничката болница Дубрава, а трудниците ќе бидат сместени во понова зграда веднаш до старата.

Во меѓувреме ќе бидат ангажирани стручњаци да направат проценка на штетите.
И хрватскиот министер за здравство Берош повика на смиреност истакнувајќи дека во моментов, паниката не е сојузник.
Министерот за полиција Давор Божиновиќ пак, ја повика јавноста да слуша само официјални информации, посочувајќи дека непознаницата околу новиот коронавирус и непредвидливоста на земјотресте создаваат ситуација на несигурност, во која се појавуваат многу лажни вести.
„Обидете се да ни помогнете да не се шират лажни вести и на тој начин да се крева паника меѓу граѓаните“,
им се обрати Божиновиќ на новинарите.
Многу медиуми, вклучувајќи го и јавниот сервис ХРТ, повикувајќи се на државната агенција ХИНА јавија дека 15-годишно дете кое било во една од зградите што се урнаа е прва жртва на потресите во Загреб. Од ХИНА се повикаа на информации од Заводот за итна медицина во Загреб, но подоцна беше официјално соопштено дека детето е живо, но во многу критична состојба и лекарите се борат за неговиот живот.