Пендаровски, Ковачевски и Џафери во своите честитки по повод државниот празник го истакнаа значењето на Денот на народното востание и во тој дух повикаа на сплотеност и единство во надминувањето на актуелните предзвиците и оние што ќе дојдат во иднина
Државниот врв по повод денешниот државен празник 11 Октовмри – Денот на народното востание упати честитки до граѓаните земјава.
„Денес по 81 година од почетокот на антифашистичката борба која ни донесе слобода и македонска држава, заедно со целото човештво сме исправени пред нови искушенија. Покрај сите здравствени, економски, безбедносни и енергетски проблеми, ние се сочуваме и со длабока поделеност во македонското општество. Како што излегувајќи во партизани, зад слободарскиот бајрак, застанаа левичари и десничари, Македонци и припадници на останатите националности, селани, работници, еснафи и поимотни, така и сега треба да се сплотиме и заеднички да се соочиме со проблемите“,
пишува претседателот на државата, Стево Пендаровски во честитката по повод државниот празник.

Пендаровски посочува 11 октовмри и антифашистичката борба „нека ни бидат инспирација за надминување на поделбите и национално помирување преку меѓусебна почит“.
„Да ги оставиме личните интереси и суетите на страна и да работиме за општото добро, благословени со можноста да живееме во слобода и мир, во сопствена држава. Нека е честит и вековит празникот!“,
порачува претседателот на државата.
Премиерот, Димитар Ковачевски, во својата честититка по повод празникот порачува нашите победи, како во минатото, да ги направиме најголеми успеси во сегашноста и иднината.

„Денес го чествуваме почетокот на антифашистичкото востание и на Народноослободителната борба кога 1941-та, нашите херои, борците од НОБ, храбро и обединето ја избраа вистинската страна, страната на слободата, на правдата, на целокупното прогресивно човештво, на напредокот и конечно се изборија за слободарскиот идеал и мир. Победничкото антифашистичко народноослободително движење, на првото заседание на АСНОМ го официјализира и идеалот за македонската држава и ние како граѓани, сме и мораме да бидеме вечно благодарни! Го продолжуваме нивниот пат во истата насока, избирајќи го напредокот и мирот на државата и создавајќи подобар живот за сегашните и идните генерации“,
порача премиерот во честитката објавена на неговиот фејсбук-профил.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери во својата честитка повика на сплотеност и единство како како граѓани и како човечки суштества, никогаш да не заборавиме да бидеме на вистинската, исправна страна, да се бориме за достоинствен и еднакво добар и квалитетен живот за сите.

„Искрени честитки по повод денешниот државен празник, 11 Октомври – Денот на народното востание од име на Собранието на Република Северна Македонија и во мое лично име. На овој историски ден кога се обележува почетокот на одлучната борба против фашизмот – најголемото зло во историјата, и почетокот на неизвесното меѓутоа решително спротивставување против окупацијата, насилството, поделбите, понижувањето и дискриминацијата помеѓу луѓето, повторно се потсетуваме на таа генерација слободољупци и пожртвувани сограѓани кои не се двоумеа во ниту еден миг за тоа на која страна да и се приклучат и да го положат најскапоценото. Уверени, како што сме и ние сега во ова турбулентно време на војна во Украина, меѓутоа и на општа неизвесност во поглед на привидниот мир во светот уверени, за тоа каде да ја дадеме нашата институционална, политичка, материјална и морална поддршка како држава и како граѓани. Денес, битката се води во повеќе димензии и предизвикот е повеќекратно поголем. Покрај животната егзистенција, во прашање е и економската, енергетската и здравствената криза која надвиснала над светот како темен облак. Затоа, сплотени и единствени како граѓани и како човечки суштества, никогаш да не заборавиме да бидеме на вистинската, исправна страна, да се бориме за достоинствен и еднакво добар и квалитетен живот за сите. Заедно да градиме стабилна и сигурна иднина за идните“,
стои во честитката од претседателот на Собранието Џафери.
