И Албанија и Косово изразија сочувство за синоќешната трагедија во Тетово кога изгоре модуларната ковид-болница и загинаа 14 пациенти.
Албанскиот премиер Еди Рама изрази длабоко сочувство до семејствата на жртвите, а на повредените им посака побрзо закрепнување.
„Придружувајќи се кон сите вас во искреното и најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите од синоќешната трагедија во ковид-болницата во Тетово, како и во братската прегратка за целата тетовска заедница и сите луѓе од Северна Македонија, ви посакува мирен ден вам и на вашите семејства“,
напиша Рама во објавата на Фејсбук.
И министерката за надворешни работи, Олта Џачка, напиша дека е длабоко тажна поради трагедијата во ковид-болницата во Тетово. Од Албанија сочувство уште синоќа стигна и од претседателот Илир Мета, а се огласи и лидерот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша.
Министерот за одбрана на Косово, Арменд Мехај, пак, ги понуди сите капацитети на безбедносните сили на Косово (ФСК) за помош на Тетово и на сите што имаат потреба по големиот пожар во тетовската модуларна болница, во кој, според досегашните информации, загинаа 14 лица.
„Со голема болка, со душата и со мислите сме со Тетово! На министерката за одбрана Радмила Шекеринска и на градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, освен изразите на најдлабоко сочувство, им ги понудив сите наши капацитети во поддршка на Кризниот штаб, за справување со трагедијата во тетовската модуларна болница. На семејствата на жртвите и на повредените им порачуваме: Со вас сме!“,
напиша Мехај на Фејсбук.
Сочувство изразија и останатите соседни земји, Србија, Грција и Бугарија, како и од други држави и ЕУ.
*Поврзани вести:
Пораки за солидарност и сочувство од Грција и Србија по трагедијата во Тетово
ЕУ изрази сочувство по повод трагедијата во тетовската модуларна болница