Премиерот Христијан Мицкоски во велигденската честитка испрати порака за единство, велејќи дека само со меѓусебна почит и разбирање може да се изгради држава каква што заслужуваме – стабилна, праведна и напредна. Држава во која, како што рече, трудот се вреднува, а иднината се гради врз темели на доверба и одговорност
Државниот врв испрати честитка до православните христијани по повод празникот Велигден.

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, која објави дека ја дочекала веста за Христовото воскресение во манастирот „Свети Климент Пантелејмон“ на Плаошник, на верниците им посака мир, здравје и љубов, велејќи дека во воскресението е содржана најдлабоката вистина за преобразбата дека преку жртвата, смирението и љубовта, човекот се издигнува и се приближува кон божественото.

„Во време на тешки општествени превирања, големи искушенија и силни и морални предизвици, мораме да истраеме во добродетелите, обединети околу вредностите на човекољубието, солидарноста и заемната почит. Да ги отвориме срцата за ближните, да ја засилиме грижата за ранливите и да го разбудиме духот на соборност и заедништво. Нека светлината на Христовото воскресение ни подари сила, мудрост и непоколеблива вера во доброто, како вечен принцип на човечката егзистенција“,
пишува претседателката во велигденската честитка.
Премиерот Христијан Мицкоски во велигденската честитка испрати порака за единство, велејќи дека само со меѓусебна почит и разбирање може да се изгради држава каква што заслужуваме – стабилна, праведна и напредна. Држава во која, како што рече, трудот се вреднува, а иднината се гради врз темели на доверба и одговорност.

„Свесен сум дека постојат неизвесности и предизвици, но нашата определба е јасна, да продолжиме со одговорни политики, да ја зајакнеме економијата, да го заштитиме животниот стандард и да создадеме сигурна иднина за сите. Нека празничните денови ви донесат спокој, топлина и сила да продолжиме напред, посилни, пообединети и со јасна визија за иднината“,
порача Мицкоски, додавајќи дека Велигден не е само празник на верата туку симбол на надежта, обновата и победата на животот над искушенијата.
Честитка до православните верници по повод Велигден испрати и претседателот на Собранието, Африм Гаши, посакувајќи им добро здравје, мир, благосостојба и духовен спокој.

„Велигден е празник што носи пораки на надеж, духовна обнова и зацврстување на вербата во доброто, човечноста и заедништвото. Во овие празнични денови, кога се слават љубовта, солидарноста и меѓусебната почит, уште еднаш се потврдува значењето на вредностите што нè поврзуваат како општество и нè упатуваат кон заеднички напредок. Посакувам празничните денови да донесат радост во домовите, спокој во срцата и надеж за подобро утре. Нека Велигден биде поттик за уште поголемо разбирање, хуманост и почит меѓу сите граѓани“,
пишува Гаши во честитката по повод Велигден.
