Кинескиот министер, како што соопштија од Владата, истакнал дека пораката веднаш ќе ја пренесе до надлежните институции во Кина
На средбата со Заев се разговарало и за конечно финализирање на разговорите за укинување на визите помеѓу двете држави, што се очекува да придонесе кон значителен раст на трговската соработка и туризмот
Државниот врв на денешните средби со министерот за одбрана на Кина, генерал Веи Фенгхе, испратил пораки дека очекува што побргу да се испорачаат 200 000 вакцини од кинеската компанија „Синофарм“.

Фенгхе имаше средби во Владата и во претседателската вила на Водно.
„Претседателот Пендаровски ги истакна очекувањата за скорешно финализирање на набавката на вакцини од кинеската компанија ’Синофарм‘, што е од особена важност за непречена реализација на масовната имунизација на населението против ковид-19“,
соопштија од кабинетот на Стево Пендаровски.
Во Владата, пак, кинескиот министер има средба со премиерот Зоран Заев, на која присуствувала и министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Заев, како што соопштија од владината прес-служба, апелирал Фенгхе да пренесе до кинеските институции дека земјава очекува да забрза испораката.
„Премиерот Заев на средбата апелираше министерот за одбрана, генерал Веи Фенгхе, да пренесе до надлежните институции во НР Кина дека Северна Македонија очекува да се забрза испораката на набавката од 200 000 вакцини од компанијата ’Синофарм‘ за да бидат вклучени во процесот на имунизацијата во земјата која започнува утре. Генерал Веи Фенгхе на средбата истакна дека оваа порака ќе им биде веднаш пренесена на надлежните институции во НР Кина за да се потврди пријателството меѓу двете земји и за време на актуелната криза заради ковид-19“,
велат од Владата.
Укинување на визите со Кина
На средбата на „Илинденска“ се зборувало и за укинување на визите помеѓу Северна Македонија и Кина. Заев, велат од Владата, изразил надеж дека работните дела на министерствата за надворешни работи набргу ќе ги завршат разговорите на оваа тема и ќе се направи значаен чекор за уште поголем раст на трговската соработка и туризмот.
„Укинувањето на визите, рече на средбата премиерот Заев, ќе помогне да се оствари амбицијата на двете земји трговската размена идната година да ја достигне вредноста од 1 милијарда американски долари, која во 2020 година достигна до 763 милиони долари“,
соопштија од Владата.
Билатералните односи помеѓу Северна Македонија и Кина биле тема на разговор и во Владата и во вилата „Водно“.
Пендаровски истакнал дека земјава, како членка на НАТО и кандидатка за ЕУ, ќе соработува со Кина во рамки на Процесот за соработка „17+1“. Исто така, се заблагодарил и за севкупната помош посебно во борбата против ковид-19 преку доделување финансиски средства и заштитна опрема.