Државната секретарка во Министерството за внатрешни работи Магдалена Несторовска, заедно со уште четири лица вработени во Министерството, од денеска ќе биде во двонеделна домашна самоизолација.
„Откако вчера беше утврдено дека двајца вработени во бифето на првата зграда во кругот на МВР се позитивни на коронавирус, во текот на вчерашниот ден од страна на епидемиолошкиот тим од Институтот за јавно здравје, а врз основа на доставен список на сите вработени кои имале контакт со двајцата вработени, направена им е епидемиолошка анкета на 67 лица, а воедно е направена и дезинфекција на сите работни простории во зградата“,
велат од МВР.
Утврдено е нивото на ризик кај анкетираните, а кај пет лица е утврдено средно ниво на ризик, а меѓу нив е и државниот секретар во МВР, Магдалена Несторовска.
„Петте лица одат во самоизолација во домашни услови во рок од 14 дена од последниот контакт со лице позитивно на ковид-19, за останатите анкетирани 62 лица, кои се проценети со низок ризик, се препорачува задолжително носење на респираторна маска/заштитна маска за целото време на работниот процес. Тие може да се вратат на работно место“,
велат од МВР.
