Со Вашиот обид да реализирате матура без вклученост на вработените на ДИЦ, Вие ќе бевте тој што ќе ги оштетеше матурантите, му порача Синдикатот на Државниот испитен центар на министерот Шаќири
Синдикатот на Државниот испитен центар, преку писмени пораки испратени до матурантите и до министерот за образование Јетон Шаќири, информира дека го става штрајкот во мирување.
„Насилните мерки и притисоци на министерот Шаќири со обид да внесе надворешни лица во процесот на државната матура – процес кој е со висок степен на тајност, ќе ја доведе во прашање валидноста на тестирањето и резултатите од матурата. Вработените во Државниот испитен центар, како експерти во областа и лица со висок интегритет и чувство за општествена одговорност, одлучија да ја одложат борбата за своите права за достоинствен живот во корист на вашата иднина. Со ова известување штрајкот се става во мирување!“,
се наведува во пораката на СОДИЦ до матурантите.
Оттаму на министерот Шаќири му порачаа дека сите негови досегашни обиди за решенија на проблемот, а со тоа и ветувањата што им ги дал на матурантите во медиумите, се спротивни на одредбите на Правилникот за процедури за тајноста на подготовката, печатењето, дистрибуцијата, чувањето и оценувањето на испитниот материјал, донесен од министер за образование и наука во 31.3.2014 година.
„Со Вашиот обид да реализирате матура без вклученост на вработените на ДИЦ, Вие ќе бевте тој што ќе ги оштетеше матурантите!“,
му порача Синдикатот на Државниот испитен центар на министерот Шаќири.
Синдикатот на ДИЦ го почна штрајкот на 25 април со барања за поголеми плати за 29-те вработени и согласност за нивниот колективен договор. Синдикатот ги стопира сите процеси за кои е надлежен ДИЦ, меѓу кои и полагањето на државната матура кое треба да почне на 27 мај.
Министерот за образование Јетон Шаќири денеска уште еднаш повтори дека, без оглед на штрајкот на ДИЦ, државна матура ќе се полага на 27 мај.
„Ги поддржувам барањата, но мојот конечен став е дека државната матура ќе се реализира на 27 мај, како што е предвидено според рокот. Според податоците што јас ги добивам како министер, се прават сите подготовки да се полага државната матура. Ако е потребно, од понеделник ќе испратиме и вработени од Министерството за образование и наука само за да се завршат работите“,
рече Шаќири.
Денеска од Сојузот на средношколци, исто така, рекоа дека ги поддржуваат барањата на вработените во ДИЦ, но и нагласија дека одржувањето на државната матура е законска обврска и државата е должна да ја спроведе во законски предвидениот рок. И од Сојузот на средношколци велат дека според информациите со кои располагаат, најверојатно ќе се успее во напорот првиот екстерен испит да се полага на 27 мај, како што е планирано.