„Договорот следува две години по формирањето на посебната проектна единица за изградба на автопатските делници и откако бројот на вработени во претпријатието се зголемил за 42 отсто (од 352 на 501). Хонорарите на ангажираниот македонско-српски експертски тим се движат меѓу 13 000 и 23 000 евра месечно, по експерт. Сепак, најголем дел од експертите ќе бидат ангажирани по 50 отсто од нивното време, а дел и помалку“, се вели во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации
Инаку, ова е само една од трите тендерски постапки анализирани во истражувањето „Јавен надзор над јавните набавки“, каде што под лупа на ЦГК биле и јавната набавка за корисниците на народни кујни и онаа за реконструкција на поранешниот објект на „Комерцијална банка“
Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) денеска го објави истражувањето „Јавен надзор над јавните набавки“, во кое издвојува дел од клучните наоди за три тендерски постапки, каде што нотира недоследности и зголемување на трошоците планирани со првичните тендерски постапки.

Имено, во истражувањето се анализираат состојбите со тендерот за корисниците на народни кујни, јавната набавка за реконструкција на поранешниот објект на „Комерцијална банка“ и тендерската постапка за коридорите 8 и 10-д, во однос на ангажманот на експерти.
Народни кујни на улица
Според наодите за тендерот за корисници на народните кујни во Скопје, Центарот за граѓански комуникации нотира дека за 1,5 милиони евра, колку што е вредноста на јавната набавка, не се спроведува во согласност со условите утврдени во тендерската документација и понудата, што е спротивно на Законот за јавни набавки.
Станува збор за тендер насловен „Набавка на готови оброци за корисниците на Народни кујни“ со број 13225/2025, кој е спроведен од Министерството за социјална политика, демографија и млади и врз негова основа е склучен договор за јавна набавка на 24 септември 2025 година во вредност од 89 775 000 денари, односно 1 459 756 евра.
Тендерската документација предвидува фирмата што ќе го добие тендерот да ги подготвува, да ги доставува и да ги сервисира готовите оброци за корисниците на народните кујни на посочени девет локации на територија на град Скопје.
„Под готов оброк се подразбира однапред приготвен ручек наменет за дистрибуција до крајните корисници, кој е соодветно складиран и транспортиран во согласност со важечките стандарди за безбедност на храна. Корисниците добиваат само еден оброк дневно – ручек, кој се доставува секојдневно, од понеделник до петок. За деновите сабота и недела се доставуваат ладни оброци, односно ланч-пакети во петок“,
се вели во истражувањето.
Но, како што се посочува во него, тендерската документација е едно, а реалноста друга.
Според Центарот за граѓански комуникации, иако тендерската документација на ресорното Министерство упатува на постоење простории што служат како народни кујни, во пракса, на седум од девет наведени локации храната се дели директно на улица.
Дополнително, во истражувањето се нотира дека оброците што државата ги плаќа по 239 денари се значително повисоки од малопродажните цени на производите од кои се составени тие, а во одредени денови недостигале супа, овошје и сирење, што е дел од договорот.
Во поединечни случаи, испорачаните количини не биле според договорот, а наместо наведените два часа, за дистрибуција и сервисирање на храната на секоја поединечна локација, комбињата се задржуваат од 15 до 30 минути.

Тендер без крај
„Тендер без крај“. Вака е насловено истражувањето за тендерската постапка за реконструкција на поранешниот објект на „Комерцијална банка“, а причината е што наместо да биде готова, реконструкцијата продолжува со склучен 51. анекс на договорот, а цената на јавната набавка е зголемена за 32 отсто.
Реконструкцијата, како што наведуваат од Центарот за граѓански комуникации, првично е планирана да трае 18 месеци од склучувањето на договорот и да чини 6,6 милиони евра. Но, и по три години, се вели во истражувањето, таа не е завршена.
„Договорот за јавна набавка за реконструкцијата на поранешниот објект на ‘Комерцијална банка’ е склучен во април 2023 година. Тендерската постапка е отпочната во 2022 година и во неа учествувале 4 фирми (‘Strabag AG’, ‘Жикол Струмица’, ‘Ак-Инвест Тетово’ и ‘Бауер БГ Скопје’). По спроведена електронска аукција и дополнителното намалување на првично дадените понуди, како најповолна понуда врз основа на критериумот ’најниска ценаʻ била избрана понудата на „Бауер БГ“. Изборот на економски оператори со најниска цена, која потоа значително се зголемува, како во случајот, ја доведува во прашање целата постапка за јавна набавка, односно почитувањето на принципите на транспарентност, конкуренција и еднаков третман на економските оператори“,
потсетуваат од ЦГК во истражувањето.
Сепак во текот на реконструкцијата, Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) и градежната компанија склучиле вкупно 51 анекс на основниот договор, од кои 10 во еден ден.
Вредноста на основниот договор со анексите е зголемена за 2,1 милион евра, односно за 32 во однос на првично договорената сума, што е спротивно на Законот за јавните набавки, кој овозможува зголемување од максимум 20 отсто.
„Во склучените анекси се евидентирани непредвидените работи во текот на градбата и појавените вишоци. Вредноста на основниот договор не е намалувана за кусоците, кои биле евидентирани, но не и пребивани со вишоците“,
се вели во истражувањето.

Во меѓувреме, како што се додава во него, од СОЗР се бара да пронајде правна основа за пренамена на евидентираните кусоци од 1,1 милион евра и да ѝ се овозможи на градежната компанија да ги користи за реализација на новопредвидените позиции од новите технички решенија и новиот проект за противпожарна заштита во зградата.
Од друга страна, како што се нотира, Законот за јавните набавки не овозможува пренамена на кусоците и нивно користење во новопредвидени позиции.


Трошоците за коридорите 8 и 10-д растат
„Тендер за експерти за коридорите 8 и 10-д: ЈП за државни патишта ќе плаќа за 13 експерти исто колку за 92 вработени“, ова е насловот за наодите од третата јавна набавка која била предмет на истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
Како што се наведува во него, трошоците за изградба на автопатските делници на коридорите 8 и 10-д продолжуваат да растат.
Во истражувањето се посочува дека, покрај договорите за изградба и за надзор, во ноември 2025 година е склучен и договор за техничка експертска помош за вработените во Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) во вредност од 3,8 милиони евра.
Но, според истражувањето, тендерот за експертска помош е спроведен врз основа на стара проектна програма, изготвена пред почетокот на градежните активности на коридорите и откако веќе биле потрошени 381 милион евра.

„Договорот следува две години по формирањето на посебната проектна единици за изградба на автопатските делници и откако бројот на вработени во претпријатието се зголемил за 42 отсто (од 352 на 501). Хонорарите на ангажираниот македонско-српски експертски тим се движат меѓу 13 000 и 23 000 евра месечно, по експерт. Сепак, најголем дел од експертите ќе бидат ангажирани по 50 отсто од нивното време, а дел и помалку“,
се вели во истражувањето.
Како што се нотира за четири години ангажман, тим-лидерот ќе наплати 550 000 евра, а осуммина експерти ќе чинат меѓу 272 000 и 500 000 евра, секој од нив поединечно, додека четворица се со договори со пониска вредност – меѓу 38 000 и 156 000 евра.
Во тимот експерти, се нотира, е и лице од проектната единица за имплементација на проекти на Светска банка формирана во Министерство за транспорт. Нејзиниот месечен надоместок во Министерството, според податоците на „Отворени финансии“, изнесува 1 600 евра бруто (99 000 денари) месечно, а како експерт, „Државни патишта“ ќе ја плаќаат 10 пати повеќе, односно 15 600 евра месечно.

Иако проценетата вредност не била јавно објавена, понудата на единствениот понудувач е речиси идентична со интерната проценка од 236 милиони денари.
Од Јавното претпријатие за државни патишта, како што се наведува во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, не доставиле прецизна пресметка како е утврдена вредноста на овој тендер.
Инаку, истражувањето е спроведено во рамките на проектот „Јавен надзор над јавните набавки“, со финансиска помош од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје.
До целото истражување може да пристапите преку следниот линк.
