Наградата се доделува за особено значајни остварувања од интерес на државата, во областа на хуманоста и човечката солидарност и за потикнување, унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката, како меѓу народите, така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.
Во Собранието денеска беше врачена државната награда „Мајка Тереза“ на годинашните добитници – доц. д-р Ирфан Ахмети од Клиниката за ендокринологија и Борче Стаменов од Иницијативата „Донирај компјутер“.
Настанот беше отворен со цитатот од Мајка Тереза – „Има повеќе глад во светот за љубов и почитување, отколку за леб“. Пораката ја испрати претседателот на Одборот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“, Бехиџудин Шехапи кој нагласи дека оваа награда е повеќе од признание бидејќи, хуманоста не се натпреварува, туку безусловно учествува во изградбата на похуман и поубав свет.
„Во новата ера одбележана со информации, брзина и трансформација во еден модерен дигитален виртуелен и вештачко интелигентен свет, за жал наспроти технолошкиот подем регресира човечката свест. Тоа го докажуваат војните во Палестина и Украина и уште многу студени војни кои требаше да се лекција за пропаст, а не повторување кое докажува дека хуманоста, разбирањето и дијалогот се поразени. Во нашата земја изгоре младоста на Кочани, изгоре душата на тој град, која денеска пробуваме да ја лекуваме со почит, сочувство и подадена рака, поддршка за се што е потребно и ќе биде потребно во годините што доаѓаат“,
рече Шехапи.

Ахмети истакна дека за него оваа награда претставува огромна почит и голема обврска да продолжи со неговото хумано делување.
„Медицинската дејност сама по себе е хумана професија – направи нешто добро и заборави на тоа. Во моето досегашно искуство секогаш тоа што е направено и заборавено, во одреден момент се појавува човек што сме му завршиле голема работа, со емоции ти се приближува и ти искажува голема благодарност за тоа што си направил за него, а при тоа јас и Борче не сме свесни за тоа затоа што и Мајка Тереза дава препорака „Направи нешто и не мисли да ти се возврати тоа, туку направи го со душа“. Свесни сме дека во денешницата медицината, информатиката, па во иднина вештачката интелигенција ќе се спојуваат, но факт е дека ќе треба доста да работиме на тоа како емоциите да ги спојуваме со тоа што е техничко“,
кажа Ахмети.
Стаменов, кој е добитник и на државната награда „Мето Јовановски“, нагласи дека овие награди за него претставуваат мотивација плус, дека е на прав пат со тоа што го прави.
„Целата иницијатива почна на работа. Дојде една женичка да побара половен компјутер, имаме доста клиенти кои што ги оставаат дотраени, им го однесов дома и кога гледаш дека се радуваат на нечие ѓубре буквално, си викаш дека тоа може да биде добра идеја. На почетокот ми беше интересно, а и има доста социјално загрозени семејства низ Македонија што не можат да добијат уред. Си рековме да стигнеме до 100 и доста е. Се случи Ковид и тогаш се виде колку сме неспремни и како држава и како свет за такво нешто. Се виде колку недостасува опрема во цела држава и тука ние пристапивме. За околу шест месеци успеавме да донираме 600 компјутери,“
рече Стаменов.
Државната награда „Мајка Тереза“ се доделува на 26 август – денот на раѓањето на Гонџа Агнес Бојаџиу. Наградата за првпат била доделена во 2006 година.