Од АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење на републиката велат дека возилата се нивни, дека се оставени на нивен паркинг, дека веќе ги расходувале, но чекаат одобрение од Влада за да ги отуѓат
Анономниот граѓанин или граѓани кои алармираа за случајот тврдат дека возилата се таму околу една година, а дел од нив се во хаварисана состојба бидејќи луѓе непречено си вадат делови од нив
За скопјани, Градскиот парк и неговата околина се едно од последните места во центарот на главниот град каде барем привремено може да ги одморат сетилата од нападноста на градскиот акустичен, визуелен, па и мирисен метеж. Секој обид да се наруши тој остров, вообичаено е проследен со реакција.

Тоа е и главниот мотив што до „360 степени“ стигна анонимна реакција од граѓани – дека пред речиси цела година, веднаш до градскиот стадион, се депонирани повеќе автомобили кои не се во возна состојба. Не само што никој не ги поместил оттогаш, туку просторот сѐ повеќе наликува на депонија. Сликата не ја гледаат само скопјани, туку и секој странец кој доаѓа на стадионот или во блиските хотели, ресторани и фирми.
Самопослуга
Екипа на „360 степени“ излезе на терен. Ги најдовме возилата оставени на паркинг, со кој стопанисува АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење на републиката (АДИССДП).

Веднаш под Градскиот стадион и спроти Стадионот на АРМ. На поголем дел од возилата имаше и налепници – АД ИССДП НА РМ, од што заклучивме дека се или дека биле во сопственост на државната фирма. Речиси на сите коли им недостасуваше по нешто – прозор, фелни, радио/уред за мултимедија…












Па, се обративме до АДИССДП со неколку прашања. Прво, чии се возилата?
„Предметните возила кои се наоѓаат на паркинг-просторот се сопственост на Акционерско друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката – Скопје, но претставуваат возила кои не се во употреба, односно возилата се расходувани со Одлука за расходување на возила од сметководствена евиденција и нивно отуѓување, донесена на Одборот на директори на Друштвото и за тоа се чека Согласност од Владата на Република Македонија“,
ни одговорија од АДИССДП.
По ваквиот одговор од АДИССДП упативме прашања и до Владата, за тоа кога е почната и кога ќе заврши постапката. Ќе ги објавиме штом ги добиеме.
Прејудицирајќи можен одговор дека станува збор за возила кои се во постапка за расходување, прашавме и кој ќе ја сноси потенцијалната одговорност за штетата што во меѓувреме им е направена на возилата. Иако станува збор за возила кои биле вон употреба, вообичено е тие да се продаваат на оглас.
Одговорот не беше директен за конкретното прашање, но делумно може да се препознае во овој пасус.
„Исто така, Акционерско друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката – Скопје, согласно одлука на Владата на Република Македонија стопанисува со Националната арена ‘Тодор Проески’, како и со паркинг-просторот околу арената. Оттаму, како организатор на паркирањето покрај физичкото обезбедување, обезбедува и 24-часовен видеонадзор на Националната арена како и на паркинг-просторот околу арената“,
одговорија од АДИССДП.
И покрај тврдењето дека просторот е под 24-часовен видеонадзор, неспорна е и состојбата на терен – дека возилата, малку по малку, остануваат без деловите од кои се сочинети. Истовремено, малку по малку, едно уредено катче почнува да наликува на депонија. Овојпат, за хаварисани возила, и тоа поради нечија неажурност во државната управа.