Недостатоци во легислативата и незавидна состојба на центрите за социјална работа се дел од пропустите кои ги нотира Државниот завод за ревизија (ДЗР) во однос на спроведувањето на Конвенцијата за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство позната како Истанбулска конвенција
Главниот државен ревизор Максим Ацевски изрази уверување дека незадоволителните наоди на ревизијата ќе бидат добра основа за преземање на потребните мерки од надлежните институции со цел создавање услови за превенција на насилство
Приведен е 48-годишен жител од Струмичко откако со остар предмет ѝ нанел физички повреди на својата сопруга, а претходно насилно се обидел со шприц да ѝ стави непозната течност во устата. Оваа информација денеска осамна во билтенот на Министерството за внатрешни работи (МВР) и е една од секојдневните од рубриката „црна хроника“ кои нотираат насилство врз жените во земјава.

Веста за семејно насилство во Струмичко се обзнани паралелно додека во Скопје се одржуваше настан со фокус на спроведувањето на Истанбулската конвенција на Советот на Европа. Потписничка на Конвенцијата, која има за цел заштита на правата на жените, превенција од насилство и заштита на жртвите, е и Северна Македонија.
Дали се имплементираат одредбите од Истанбулската конвенција, која во земјава е во сила од 2018 година – денеска објави Државниот завод за ревизија (ДЗР) во презентацијата за постапувањето на државата, односно (не)преземените законодавни и други мерки по ратификувањето на Конвенцијата.
„По спроведената ревизија заклучивме дека мерките и активностите за обезбедување специјализирани услуги за поддршка и заштита на жените жртви на насилство што се преземаат од надлежните институции не се доволно ефективни со цел превенција, поддршка и заштита на жените и нивна целосна реинтеграција“,
порача на денешната презентација Катерина Чалоска-Алексовска – помошничка на главниот државен ревизор.
Недостатоци во легислативата
Осврнувајќи се на недостатоците нотирани во ревизијата, Чалоска-Алексовска посочи дека и покрај носењето на Законот за спречување на насилство на жените и семејно насилство во 2021 година, дел од предвидените подзаконски акти кои требало да се донесат до мај 2021 година не се донесени.
„Она што е значајно е што во 2023 година се направени измени на Кривичниот законик со цел приспособување на заштитата и спречување на неказнивоста на сторителите. Голем дел од барањата на Истанбулската конвенција се имплементирани, но она што останува како главен предизвик е тоа што сторителот на кривично дело во врска со телесна повреда треба да се гони по службена должност, а не по предлог на жртвата“,
истакна помошничката на главниот државен ревизор.
Додаде дека задоцнето донесена, но и премногу општа е и Програмата за реинтеграција на жртвите. Според ДЗР, Програмата е во вид на упатство за постапување и препорачува нејзино доразгледување и доуредување.
Незавидна состојба на Центрите за социјална работа
Во групата на недостатоци кои ДЗР ги посочува во спроведувањето на стандардите на Истанбулската конвенција е и состојбата со Центрите за жртви на родово базирано и семејно насилство.
Така на пример, иако земјава треба да има 184 легла во засолништата согласно бројот на жители, има само 67 легла што, како што посочуваат од ДЗР, е 37 проценти од потребниот број. Бројот на советувалишта, пак, наместо 19, по однос на бројот на жители во државата, изнесува само 11 советувалишта, што е 59 отсто од потребниот број.

„Центрите за социјални работи кои се даватели на овие специјализирани услуги се соочуваат со ограничени човечки ресруси и не се соодветно кадровско екипирани. За таа цел, предвидена е реорганизација на нивната работа и поделба во две институции – национална агенција за администрирање на правото на парична помош и центри за социјални работи како јавни установи со јавно овластување за социјална превенција, советување и социјални услуги. За жал, оваа реорганизација не е направена поради недостиг на функционална анализа и стандарди за работа на центрите за социјална работа“,
порача Чалоска-Алексовска.
Започнат, но сè уште незавршен и недоуреден е и начинот на лиценцирање на давателите на СОС-линиите.
ДЗР во ревизијата се осврнува и на специјализираните услуги кои преку здравствените установи Министерството за здравство им ги нуди на жртвите на сексуално насилство. Наместо во секој, или во секој поголем град во земјава, Ревизија нотира дека во државата постојат само три центри – во Скопје, Тетово и Куманово.
„Дополнително, Министерството за здравство сè уште не располага со податоци за бројот на дадени услуги за жени жртви на семејно насилство од причина што не е изготвен подзаконски акт со кој овие жртви би биле евидентирани преку системот ‘Мој термин’“,
се нотира во извештајот на Државниот завод за ревизија.
Неажурност во следењето на имплементацијата на Конвенцијата
Следењето и имплементацијата на мерките и политиките од Истанбулската конвенција е предвидено преку Националното координативно тело кое, како што нотира Државниот завод за ревизија, иако е формирано во 2021 година, последен пат одржало седница во март 2022 година.

Во оваа смисла ДЗР дополнително посочува дека сè уште не е спроведена ниту анализата на трошоци на специјализираните сервиси, односно на средствата за финансирање за центрите кои даваат услуги за жртвите поради што не може да се каже дали средствата што се одвојуваат како надомест за жртвите се доволни или не.
Како позитивно во делот на превенција ДЗР го истакнува постојаното одржување и спроведување на кампањи, работилници, потпишување меморандуми за соработка но, се посочува дека и натаму не е изработена специјализирана програма за психосоцијален третман со сторителите на семејното насилство.
„Државата мора да преземе одговорност да воспостави одржлив систем кој ќе им овозможи на жртвите вистинска шанса за нов живот без насилство“, порачаа од ДЗР.
Главниот државен ревизор Максим Ацевски изрази уверување дека незадоволителните наоди на ревизијата во поглед на спроведувањето на Конвенцијата ќе бидат добра основа за преземање на потребните мерки од надлежните институции со цел создавање услови за превенција на насилство.
„Ќе бев многу среќен и задоволен ако во нашата држава воопшто нема насилство, ако нема дискриминација, ако во нашата држава даваме доволно помош на жените жртви на семејно насилство. За жал, резултатите и заклучокот на ревизијата се негативни, односно преземените мерки и активности за заштита на родово базирано и семејно насилство од страна на државата не се доволно ефикасни и затоа треба да се преземат дополнителни мерки“,
порача Ацевски.
Земјите членки на Советот на Европа во 2011 година ја потпишаа Истанбулската конвенција за спречување и борба со насилство врз жените и домашно насилство која има посебна цел да ги заштити и превенира жените од насилство и да им се овозможи заштита на жртвите. Северна Македонија ја потпиша Конвенцијата во 2011 година, ја ратификуваше во македонското Собрание во декември 2017 година, а стапи во сила во 2018 година.
