Дури една третина од храната во Македонија секојдневно завршува како отпад, велат бројките на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации. Тоа е предизвикувачки процент за која било земја, а уште повеќе за нашата, во која над 460.000 луѓе ги немаат сите оброци. Системот за донирање вишок храна „Сите сити“ ги обедини компаниите и Владата да најдат решение за овој проблем. Пред година и пол тоа беше идеја, а денеска веќе се работи на решение кое идната 2020 г. треба да го здогледа денот. На донаторската конференција, оние што имаат пари и храна – компаниите, ги потврдија заложбите да помогнат, а Владата вети скорешно законско решение.

„Ја користам приликата да упатам јавна покана во функционирањето на системот да се вклучат и други субјекти, со цел да се зголеми неговиот капацитет и да се опслужат што повеќе граѓани на кои им е потребна храна. Помошта не се однесува само на обезбедување храна за дел од нашите сограѓани кои не можат да си ги дозволат сите оброци во текот на денот, туку и за правилна употреба на илјадниците тони безбедна храна кои завршуваат на отпад и депонии“, вели премиерот Зоран Заев.

„Тоа ни кажува дека на сите оние кои на некој начин се дел од системот на социјална заштита и примаат одреден додаток, ќе може да им го надополниме менито и да добијат соодветен оброк. Кога сметаме храна, не станува збор само за леб туку протеинските елементи кои секој од нас треба да ги прими во текот на неделата навистина недостасуваат и кај семејствата кои што имаат одредени примања, не само кај оние кои се во систем на социјална заштита.“, дополни министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Искуството со досегашниот одзив на компаниите покажува дека искористувањето на храната не е единствената придобивка.

„Еден од примерите како донациите од компаниите прават промена, се стотината примери на наши сограѓани кои благодарение на компаниите застанаа на здрави нозе. Дел од нив сега работат за тие компании од кои добиваа помош, а компаниите добија вредни и лојални вработени кои знаат што значи да се нема и колку е важна подадената рака.“, открива Блаже Јосифовски од Системот за донирање вишок храна „Сите сити“.
Од Фондот за иновации ја поддржаа идејата со 2 милиона денари.

„Имаме веќе иницијативи и од повеќе други невладини организации, социјални претприемачи кои сакаат овој модел на соработка на државата со приватниот сектор да продолжи.“, посочува директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски.
На хартија и пред камера сето ова звучи убаво, но што мислат самите компании?

„Се надевам дека ова ќе биде успешно, како што и гледам досега како работат. Ќе има проблеми нормално, но со тек на време ќе се надминуваат. Досега мислам дека добро ја работат работата.“, велиРумен Смилевски, директор на компанијата “Малина“ од Велес.
„Сите сити“ обединува 31 невладина кои функционираат во 10 градови, и преку дневна, неделна или месечна помош успеваат да нахранат над 7 илјади граѓани. Оваа бројка значително би пораснала со поголема помош од компаниите, кои освен хуманиот момент, на ум треба да имаат и дека според податоците на „Сите сити“ дури на 25% од македонските граѓани во изборот чиј потрошувач ќе бидат, голема улога им игра општествената одговорност на компанијата.